12 % зголемување на платите му понудила Владата на СОНК – До утре навечер ќе се знае конечната одлука, Владата се надева дека од среда ќе има настава
Бобан Илијевски
Платите на наставно – воспитниот кадар да се зголемат за 12 %. Ова го дискутираа на денешните преговори претставниците на СОНК и Владата. Зголемувањето, како што рече Претседателот на СОНК, би започнало да се применува од јули месец со ребалансот на буџетот. Истакна дека после 3 часа преговори и анализи дошле до ова решение.
Покрај за зголемувањето на платите, на средбата, како што посочи Неделков се зборувало и за потпишување на нови Колективни договори за детска заштита, основно и средно образование, каде што би требало да се регулира статусот на приправниците во детската заштита, патните трошоци во основното и средното образование, регресот за годишен одмор кој ќе се регулира со Општиот Колективен договор.
Неделков ѝ се заблагадари на Сузан Флокен, директор на Европската конфедерација на синдикати, која дала максимален придонес во изнаоѓањето на решението помеѓу двете спротивставени страни.
Тој нагласи дека овој процент кој го „изнудиле“ од Владата е максимумот. Во текот на утрешниот ден ќе имаат консултации со членството, по што ќе се одлучи дали оваа понуда ќе се прифати. Како што рече, до утре навечер треба да се знае конечната одлука за прифаќањето на понудата, по што учениците евентуално би почнале да одат на училиште во среда.
Неделков се извини на учениците и родителите што претрпија загуба во наставата, и додаде дека ќе им биде надоместено.
Министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска рече дека очекува од среда детските градинки и училиштата да функционираат нормално, бидејќи, како што рече, ги усогласиле ставовите со СОНК.
Министерот за образование Јетон Шаќири потенцираше дека и тој очекува да се вратат децата од среда на училиште. Посочи дека не ја знае точната сума на пари кои ќе бидат потребни за зголемувањето на платите и дека за тоа ќе информираат дополнително.

