60-часовната работна недела ќе подлежи на злоупотреби – Професорот Јовевски открива зошто
Новинар: Бобан Илијевски
60-часовната работна недела според теркот по кој се предлага со законските измени може да подлежи на повеќе злоупотреби, алармира Проф. Д-р. Лазар Јовевски.
Предложените измените на Законот за работните односи во делот на прекувремената работа претставува несоодветно законско решение, а за тоа има повеќе причини, посочи Универзитетскиот професор по трудово право Лазар Јовевски, во изјава за порталот Работник.
„Пред сѐ, областа на прекувремената работа, аналитички гледано во однос на праксата, е најзлоупотребуваното право од донесување на Законот до ден денес коешто се случува во праксата на Македонија“, вели Јовевски.
Според него, одредбата е несоодветна бидејќи ги дели работниците и со тоа ги става во нееднаква позиција, со што истите се дискриминираат.
Спорно е и тоа што измените не предвидуваат кои се стратешки и национални интереси.
„Самите законски измени не предвидуваат кои се стратешките и национални интереси и оттаму Владата, односно Министерството за труд, најверојатно, на барање на работодавачите, ад хок ќе одлучува за тоа кои се стратешки интереси на државата. Претпоставувам дека тоа ќе бидат некои големи проекти, во градежништвото, индустријата и слично, но ние немаме претстава што е точно стратешки интерес на државата, бидејќи генерално на пазарот на труд немаме детерминирано кои се стратешките интереси“, вели Јовевски.
Самите законски измени, објасни Јовевски, претставуваат една платформа каде што државата без вклучување на социјалните партнери ги предлага истите кои не се соодветно канализирани преку институциите на социјалниот дијалог.
„Сето ова ги прави овие одредби, од една страна, наметнати, октруирани, несозреани и недефинирани, а од друга страна, несоодветни бидејќи се на штета на вработените, се дискриминаторски и во исто време претставуваат платформа за нови злоупотреби коишто и досега ги имаме во праксата со овие законски решенија во однос на прекувремената работа“, истакна Јовевски.
Прекувремената работа е предвидена во Законот за работни односи со точно определени законските услови за тоа кога може да се работи прекувремено. Во контекст на ова, треба во предвид да се има дека, доколку поминат овие измени, одреден број на вработени ќе работат многу повеќе од останатите, но притоа може да се случи да не им се плати истата ако се прераспореди работното време во текот на годината, рече Јовевски.
Во еден период од годината, вработените можат да работат и по 60 часа, а во друг период да им се распореди и истата да не им биде соодветно платена, бидејќи не е интервенирано во законските одредби коишто го предвидуваат ова право, посочи тој.
Измените коишто ги предложи Владата изнудија бројни негативни реакции кај граѓаните, а Премиерот Димитар Ковачевски денеска посочи дека овие законски измени ќе важат само за стратешки проекти, како што е изградбата на коридорите 8 и 10д.
„Овде се работи за законска измена којашто се однесува само на ваков стратешки проект од национален интерес. Интенцијата е на доброволна основа, работник кој ќе сака да работи, да му биде платен секој дополнителен час и недела дневница повисока за 50 проценти. Ќе се забрза така изградбата на патот и ќе се намали сумата на вкупното чинење бидејќи автопатот ќе се изгради побрзо“, наведе Ковачевски.
Тој апелираше до пратениците да се консултираат со правници и да ги донесат законските измени.
Претседателот на Македонија Стево Пендаровски, вчера во Тема на денот на Сител, рече дека ваквиот предлог веќе паднал на Уставен суд и дека нема логика да се носи нешто што е противуставно.

