ЕкономијаСвет

Африка добива нафтовод вреден 660 милиони долари: Горивото ќе пристигнува за само еден ден

Етиопија и Џибути започнуваат изградба на нов нафтовод во вредност од 660 милиони долари, а во финансирањето на овој капитален проект учествува и најбогатиот човек во Африка, нигерискиот милијардер Алико Данготе.

Нафтоводот ќе биде со должина од околу 120 километри и ќе го поврзе пристаништето Дамерјог во Џибути со дистрибутивната постројка во Девеле, Етиопија. Во рамките на проектот е предвидена и изградба на складишни капацитети за приближно 400 милиони литри гориво. Според првичните проценки, се очекува нафтоводот да биде ставен во функција во рок од 18 месеци.

Етиопскиот премиер Абиј Ахмед истакна дека новата инфраструктура значително ќе го забрза и олесни транспортот на енергенси.

„Времето потребно за транспорт на горивото од пристаништето до главниот град ќе се скрати од пет дена на само еден ден“, изјави Ахмед.

Во првата фаза од оперативното работење, преку нафтоводот ќе се транспортираат клучни нафтени деривати, меѓу кои авионско гориво, дизел и бензин.

Големо олеснување за Етиопија и економски поттик за Џибути

Како земја без излез на море, Етиопија речиси целосно зависи од пристаништето во соседен Џибути за увоз на стока и нафтени деривати.

За време на церемонијата за поставување на каменот-темелник, Алико Данготе нагласи дека овој проект ќе ја зголеми енергетската сигурност на Етиопија и значително ќе го намали ризикот од застој во снабдувањето. Покрај тоа, новата мрежа ќе го растерети копнениот патен транспорт, од кој моментално во голема мера зависат сообраќајот, авио-индустријата, земјоделството и градежништвото.

Од друга страна, Џибути исто така ќе оствари сериозни економски придобивки — пред сè преку зголемен обем на активности во пристаништето, отворање нови работни места и дополнителни приходи во државниот буџет.

Извор: b92.net