Ако вака продолжиме, ќе банкротираме“ – германските гиганти губат профит и го намалуваат бројот на вработени
Додека најголемите автомобилски компании се соочуваат со пад на профитот, затворање на фабрики и десетици илјади отпуштања, се’ повеќе работодавачи и економисти тврдат дека без подолга работна недела германската индустрија повеќе нема да биде конкурентна.
Синдикатите на тоа силно се противат, но прашање е дали најмоќната европска индустрија може себеси да си дозволи работна недела од 35 часа.
По низата лоши вести од индустрискиот сектор, се формирал широк круг на економисти, претприемачи и менаџери кои се залагаат за враќање на работната недела од 40 часа.
Ларс Брзоска, извршен директор на логистичката компанија Jungheinrich, неодамна нивниот став го сумирал во една реченица.
„Мораме да се вратиме на работна недела од 40 часа во индустријата, без зголемување на платите“, пишува Focus.de.
Ваквите барања доаѓаат во време кога германската автомобилска индустрија поминува низ еден од најтешките периоди во последните години.
Најголемиот германски произведувач на автомобили Фолксваген планира да укине до 100.000 работни места ширум светот. Според информациите кои се појавиле во медиумите, четири фабрики, Хановер, Емден, Цвикау и Некарзулум, би можеле да бидат затворени.
Надзорниот одбор би требало да расправа за новата програма за штедење на 9 јули, а компанијата зборува за „длабински“ мерки, што во корпоративна смисла значи дека ништо не е исклучено, дури ни промената на работното време.
Кризата се шири по секторот
Проблемите на Фолксваген не се ограничени само на компанијата. Според известувањата на медиумите, произведувачот на автомобили планира да ја прекине соработката со Бош за развојот на системи за автономно возење.
Наводно во проектот биле вложени околу 1,5 милијарди евра, но технологијата повеќе не се смета за доволно конкурентна и покрај големите инвестиции. Истовремено, Бош се соочува и со промена на раководството на компанијата.
Штефан Хартунг ја напуштил позицијата на генерален директор на 30 јуни, а на 1 јули го наследил Кристијан Фишер. Официјално, тој заминува на сопствено барање, но промената доаѓа сред длабоката криза која ги погодува добавувачите на автомобилската индустрија.
Мерцедес, исто така, спорведува мерки на штедење. Компанијата ја одложила исплатата на посебниот бонус предвиден со колективниот договор – т.н. бонус за трансформација од 18,4 % од месечната плата – до 2027.
Истовремено, менаџмнетот сака да разговара со работничкиот совет за продолжување на работното време без зголемување на платите.
Зголемување на продуктивноста
Деловните резултати покажуват обем на проблеми. Мерцедс го преполовил профитот на 5,3 милијарди евра, додека во првиот квартал од 2026 година забележал понатамошен пад од 17,2 %.
Во такви околности, изјавите на Брзоска имаат дополнителна тежина.
„Мораме да ја зголемиме продуктивноста. А оние кои сакаат да работат повеќе би требало да бидат во можност да работат повеќе. Вака ќе банкротираме, и на крајот никој нема да има работа“, рекол тој, предупредувајќи на можните последици ако ништо не се промени.
Податоците покажуваат зошто дел од стопанствениците сметаат дека промените се неопходни. Во западна Германија, металската и елктроиндустријата во главно имаат работна недела од 35 часа, додека на истокот стандардот е 38 часа. Колективните договори дозволуваат договори од 40 часа, но само за ограничен број на вработени, обично помеѓу 13 и 18 % од работната сила.
Во Баден-Виртемберг, колективниот договор јасно предвидува дека неделното работно време без пауза е 35 часа.
Истовремено, според податоците на Институтот за германска економија (IW), трошоците на единица труд во германската индустрија во 2024 година биле 22 % повеќе од просекот на 25 споредливи земји и 15 % поголем отколку од остатокот од еврозоната.
Од 2018 година, трошоците на единица труд пораснале за 18 %, додека реалната бруто додадена вредност во индустријата паднала за три проценти. Со други зборови, работата станала поскапа, а индустриското производство помалку вредно. Вкупните трошоци за работа, исто така, не одат во прилог на германската конкурентност.
Во 2025 година просечните трошоци за еден работен час изнесувале 45 евра, што е дури 29 % повеќе од просекот на Европскта унија од 34,90 евра. Во Франција час работа чини 44,30 евра, во Италија 32 евра, додека Полска и другите источноевропски земји се значајно поевтини.
Во преработувачката индустрија, трошоците за час работа во Германија достигнале дури 49,50 евра, според податоците на Дестатис. Противниците на подолго работно време често истакнуваат дека вработените на полно работно време и онака работи околу 40 часа неделно. Поддржувачите на промената сметаат дека оваа споредба е погрешна.
Како што истакнуваат, фабриките не се натпреваруваат со националните просеци туку со производствените погони во други земји.
Фолксваген не ја споредува продуктивноста на фабриката во Волфсбург со просекот на гераманските вработени, туку со фабриките во Братислава, Кечкемет или Чататунга, каде клучните фактори се одработените часови, продуктивноста и трошоците на труд.
Според податоците на Евростат, просечното реално неделно работно време во Европската унија во 2025 година изнесувало 35,9 часа. Грција предначела со 29,6 часа неделно, додека Бугарија и Полска забележале по 38,9 часа. Германија не е меѓу земјите со највисоки стапки на работа.
Некои германски економисти, исто така, се залагаат за подолга работна недела. Претседателот на Ifo Институтот, Клеменс Фуест рекол дека за повеќе слободно време може да се разговара само ако животниот стандард порасне.
Директорот на Институтот за германска економија, Михаел Хитер, претходно ја споменал можноста за воведување на 42 – часовна работна недела. Моника Шницер, членка на Германскиот совет на економски експерти, вели дека 35 часа не може да направи колку 40.
Претседателот на Здружението на германски работодавачи, Рајнер Дуглер, зазел сличен став.
„Би било добро да преминеме на 40 – часовна работна недела за поголем број на вработени“, рекол тој. Штефан Волф, претседател на здружението Gesamtmetall, со години се залага за подолго работно време и се противи на четиридневната работна недела со полна плата.
Уште во 2020 година предложил од два до четири дополнителни часа неделно без зголемување на платата.
Заговорниците на промените сметаат дека Германија не може истовремено да го намали работното време, да ги зголемува платите, да ги финансира постојано растечките придонеси за социјално осигурување, да воведува построги прописи и да очекува индустријата да остане конкурентна.
Примерите на Фолксваген, Бош и Мерцедес, предупредуваат тие, покажуваат што се случува кога развојните проекти ќе пропаднат, трошоците растат, а работното време останува речиси непроменето.
Тогаш дискусијата повеќе не се води за еден дополнителен час работа неделно, туку за затворање на фабрики. Од друга страна, синдикатите предупредуваат дека проблемите со продуктивноста не смеат да се решаваат на сметка на вработените. Во меѓувреме, дебатата се преселила и во политичката сфера, пишува Dnevno.hr.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц е за флексибилно работно време, додека министерката за економија Катерина Рајх смета дека дискусиите за четиридневната работна недела и рамнотежата помеѓу приватниот и професионалниот живот моментално не се приоритет. Поради тоа прашањето за работното време станало една од најважните дебати за иднината на германската економија и конкурентноста на нејзината индустрија.
Извор: Bizportal

