Американскиот технолошки гигант подготвува отпуштања ширум светот: На удар ќе бидат вработените со послаби резултати
Американскиот производител на чипови „Квалком“ (Qualcomm) планира да го намали бројот на вработени на глобално ниво по спроведувањето на годишните процени на работниот учинок. Известувањето на работниците кои ќе бидат опфатени со отпуштањата треба да започне во ноември.
Компанијата планира да преземе мерки за зајакнување на културата на работниот учинок и решавање на проблемите во одделите каде што вработените континуирано не ги исполнуваат очекувањата.
Според „Ројтерс“, кој се повикува на интерен меморандум на извршниот директор на компанијата, Кристијано Амон, засега не е наведено колку работни места би можеле да бидат укинати.
Во септември минатата година „Квалком“ имал околу 52.000 вработени ширум светот, од кои повеќето биле ангажирани со полно работно време.
Компанијата во моментов се соочува со слабеење на продажбата на потрошувачка електроника и раст на цените на мемориските чипови, што дополнително ја оптоварува побарувачката на нејзините клучни пазари.
Акциите на американската компанија од почетокот на годината пораснале за околу 1,5 проценти, додека референтниот берзански индекс S&P 500 забележал раст поголем од 12 проценти.
Како еден од најголемите светски производители на чипови за паметни телефони, „Квалком“ се обидува да го прошири своето работење и во други области, особено на пазарот на центри за обработка на податоци наменети за вештачка интелигенција.
Компанијата очекува во фискалната 2027 година најголемиот дел од продажбата на чипови да го остварува надвор од сегментот на паметни телефони.
Извор: B92

