Дали сѐ уште постојат вакви газди?
Со над 39 часа, Македонија ги има една од најдолгите работни недели во Европа. Овој податок неодамна го сподели Евростат. И додека факт е дека котираме подобро од Србија која бележи работно време во просек од над 40 часа, нашата работна недела е прилично долга, во споредба со онаа на земјите од Западна Европа кон кои се стремиме. Кога на неа би се додале и прекувремените работни часови кои ги одработуваат вработените во приватниот сектор, ќе дојдеме до уште поголем број на работни часови.
Додека земјите од Западна Европа наголемо го намалуваат работното време и воведуваат четиридневна работна недела, кај нас сѐ уште е под знак прашалник евиденцијата на работното време. Постојат голем број на мали компании кои не се законски обврзани да водат евиденција на работното време, злоупотребувајќи го тоа вработените да ги остават да работат подолго, а притоа и да не им платат за вложениот труд.
Имено, ова го имам искусено на своја кожа. Во далечната 2018 година кога работев во еден угостителски објект, иако работното време ми завршуваше во 16 часот (прва смена), газдата имаше навика да ме остави уште дополнителни два часа за да го наредам фрижидерот. За прекувремната работа само еднаш видов бонус на платата која беше минимална (12,000) од 1,000 денари. Да не зборувам и за периодот кога во текот на втората смена која требаше да ни заврши отприлика во 12 на полноќ или во 1 (не се сеќавам точно), а тој не оставаше до 3 часот за да го чистиме објектот. За тоа не видов ниту денар плус.
Како мене има илјадници примери, кои за жал сѐ уште постојат. Затоа јас сум поборник за тоа да се води строга евиденција на работните часови и да се знае колку одреден работник работел прекувремено, па да му се плати за трудот.
Сопрво мислев во ова писание да го посветам на четиридневната работна недела и како веќе имаме две компании кои ја имаат воведено, но залудно е да се зборува за воведување на таков модел на ниво на држава, кога одредени газди не го почитуваат ни основното работно време.

