Дали се исплати сезонска работа во Хрватска? Еве што велат работниците
Голема е потребата од работници во текот на летото и во Хрватска, а студентите имаат широк избор. Море или внатрешност? Хрватска или некоја друга европска земја? Или пак Соединетите Американски Држави?
„Не планирав да одам на сезона, но на социјалните мрежи ми излезе интересен оглас и се пријавив, без да размислувам дека навистина ќе го добијам“, вели студентката Ива од Загреб, која ова лето ќе го помине како аниматорка на хрватскиот брег.
Регрутацијата на сезонски работници е во полн ек – огласите се појавуваат на бројни социјални мрежи, а на веб-страницата на Хрватскиот завод за вработување, во категоријата „Угостителство и работници во туризмот“, моментално се активни 2.024 огласи за работа. Се бараат домашни и странски работници, како и студенти. Да се остане дома, да се оди на брегот или надвор од Хрватска – што најмногу се исплати?
Од готвачи до градинари
Од келнерство до градинарство, понудата на сезонски работи е разновидна – како и условите. DW ги разгледа огласите на неколку познати платформи за наоѓање сезонска работа. Медиумот потсетува дека минималната студентска саатница во Хрватска за 2026 година изнесува 6,56 евра.
Студентите кои ќе се одлучат за келнерска работа во сезоната заработуваат меѓу минималецот и 9 евра на час. Оглас за туристички аниматор, кој се појави на повеќе социјални мрежи, нуди саатница само малку повисока од минималната, како и сместување и три оброци дневно. Оние што ќе изберат работа како помошен готвач во Истра добиваат околу 8 евра на час. Патните трошоци се платени, но во еден оглас нема информации за сместување и исхрана.
„Ми беше важно да имам обезбедено сместување за време на сезоната. Знам дека финансиски нема многу да ми се исплати, но вреди поради друштвото“, вели Ива.
Хотелите и апартманите не би можеле да функционираат без хигиеничарки, кои секоја година недостигаат. Еден објект на Крк бара студенти за таа работа и нуди саатница од 7 евра, како и сместување и храна. За слична саатница, од 6,6 евра, во Петрчани се бара рецепционер.
„Претходните четири сезони работев кај истиот работодавач, а единствено што се менуваше беше саатницата – секоја година растеше. Јас сум од Истра и живеам близу до работата, па тоа ми одговара и немам потреба да одам на друго место“, вели студентката Карла, која во текот на годината студира во Загреб.
Позитивни искуства од сезонска работа на хрватскиот брег има и студентката Доротеа од Загреб, која вели дека секогаш имала флексибилно работно време, обезбедено сместување и оброци, како и добра заработка. „Се исплати да се оди на сезона“, заклучува таа.
Највисока саатница, според разгледаните огласи, имаат туристичките водичи за излети во Истра – од 10 до 12,5 евра на час. Дали се обезбедени сместување и храна, не е наведено.
ЕУ бара јасно наведување на платите во огласите
Честа практика е во огласите да се наведуваат сите услови освен платата. Наместо тоа, пишува дека таа е „конкурентна“, „по договор“, или кандидатите да се јават телефонски или по е-пошта за повеќе информации. Поради тоа, некои воопшто не се ни пријавуваат.
Околу 80 отсто од хрватските компании не ја наведуваат платата во огласите и за минималец бараат „мотивиран работник“, пренесува HRT. Од друга страна, потребата од работници е голема – според проценките, оваа сезона ќе бидат потребни околу 65.000 работници, од кои само 15.000 ќе бидат хрватски државјани.
Многу огласи за сезонска работа на брегот не нудат значително повисока саатница од онаа во градовите во внатрешноста. Порталот Moj posao спроведе истражување кое покажува дека домашните работници се подготвени да одат на сезона ако платата е за 30–40 отсто повисока од онаа за истата работа во местото на постојано живеење.
Институциите на Европската унија го препознаа проблемот со прикривањето на платите и усвоија директива според која Хрватска мора најдоцна до 7 јуни 2026 година да воведе целосна транспарентност во огласите за работа. Работодавачите ќе мора да ја објават платата или нејзиниот распон, кандидатите ќе ги имаат тие информации пред првиот разговор, а работодавачите нема да смеат да прашуваат колкава била платата на претходното работно место. Една од целите на директивата е и полесно откривање на нееднаквости во платите меѓу мажите и жените на исти позиции.
Можеби сепак работа надвор од Хрватска?
„Моето искуство со сезонска работа во Австрија беше финансиски многу подобро отколку во Хрватска, додека во Хрватска атмосферата беше поопуштена. Сè на сè, повеќе ми се исплатеше да одам во странство и повторно не би работела сезона во Хрватска“, вели студентката по економија Антонела, која го искористила знаењето на германски јазик за поголема заработка.
Во еден оглас се наведува дека во австрискиот регион Форарлберг се бара келнер, со плата од 2.000 до 2.200 евра и сместување во еднокреветна соба. Работната недела трае 48 часа, а потребно е познавање на германски или англиски јазик. Сличен оглас постои и за помошен келнер во Тирол, со месечна заработка од 1.900 до 2.200 евра и задолжително знаење германски.
Освен Австрија, многумина размислуваат и за Германија. Таму минималната студентска саатница изнесува 13,9 евра нето, а лесно се наоѓаат и подобро платени работи. Со брзо интернет-пребарување, DW пронајде понуда од 14,25 евра на час за работи на чистење во Минхен, нешто повисока саатница за работа во магацини, како и работа како доставувач во компанијата DHL за повеќе од 16 евра на час.
„Кога работев сезона во Германија, фирмата ни обезбеди сместување, добив службено возило, саатницата беше одлична, како и колегите. Тоа беше многу позитивно искуство“, вели студентот Семир од БиХ, кој претходно размислувал за сезонска работа во Хрватска. „Комуникацијата со работодавачите беше тешка, долго се чекаа работните дозволи, испратив повеќе пријави за келнерска работа, но или добивав негативни одговори или воопшто немаше одговор“, додава тој.
Сè повеќе студенти се одлучуваат и за програмата Work and Travel, која подразбира сезонска работа во Соединетите Американски Држави, со акцент на патување и културна размена. Крајната заработка значително варира во зависност од бројот на работи, местото на престој и патувањата, но може да достигне и околу 20.000 евра, како што на социјалните мрежи навела travel-инфлуенсерката Марија Ловр.
Извор: b92.net

