Работодавачите го кочат вработувањето: Депресијата пристигна на германскиот пазар на труд
Зимската депресија пристигна и на германскиот пазар на труд, а февруарскиот индекс на расположение првпат по половина година падна под неутралните 100 поени.
Индексот го подготвува Институтот за истражување на пазарот на труд и занимања (IAB) секој месец, врз основа на анкета спроведена меѓу сите агенции за вработување во земјата за нивните очекувања во наредните три месеци.
„Преработувачката индустрија секој месец губи по 15.000 работни места“, изјави аналитичарот на IAB, Енцо Вебер.
Индексот на IAB се смета за водечки показател за состојбата на пазарот на труд во Германија. Конкретните бројки за февруари во петок ќе ги објави Сојузната агенција за вработување.
Три петтини од агенциите за вработување очекуваат забрзано укинување на работни места во машинската и автомобилската индустрија. „Вкупната вработеност сè уште се одржува, но е оптоварена од развојот во индустријата“, вели Вебер.
Слична проценка објави и минхенскиот институт Ifo. „Работодавачите повторно стануваат сè повоздржани на пазарот на труд“, изјави директорот за истражувања на Ifo, Клаус Волрабе.
„Многу претпријатија планираат да отпуштат повеќе работници отколку што имаат намера да вработат“, додаде тој.
Извор: b92.net

