Државата ја скратува работната недела за 8 часа
Мексиканскиот Конгрес усвои закон со кој работната недела во земјата постепено ќе се скрати од сегашните 48 на 40 часа, со планирано намалување од по два часа годишно до 2030 година.
Реформата, која ќе влијае на околу 13,4 милиони работници, беше усвоена во Претставничкиот дом со поддршка од 469 пратеници, без ниту еден глас против, пренесува Reuters.
Опозициските пратеници изразија загриженост дека законот не оди доволно далеку во корист на работниците, но по повеќе од десет часа дебата ѝ се приклучија на владејачкото мнозинство и го поддржаа законот.
Претседателката на Мексико, Клаудија Шајнбаум, го внесе предлогот во законодавната процедура во декември 2025 година, по повеќегодишни преговори меѓу законодавците и приватниот сектор.
Целта на законот е подобрување на работните услови и зголемување на продуктивноста преку постепено намалување на работното време.
Реформата претходно годинава доби општа поддршка и во Сенатот, каде владејачката партија Морена има значајно мнозинство.
Синдикатите го критикуваа предлогот, тврдејќи дека намалувањето од по два часа годишно не е доволно и дека не ги решава клучните прашања поврзани со работничките права и платите.
Аналитичарите оценуваат дека реформите во Мексико ќе бидат проследени и со потенцијални предизвици во примената, особено во приватниот сектор, но нагласуваат дека законот претставува значаен чекор кон модернизација на трудовото законодавство и подобрување на стандардите за милиони мексикански работници, пренесуваат медиумите.
Извор: b92.net

