Светот на работникот

Дали заработката на таксистите зависи од алгоритам? Возачите покренаа тужба против Uber

Возачи на Uber покренаа колективна тужба пред судот во Амстердам, тврдејќи дека алгоритмот на компанијата незаконски ги користи нивните лични податоци и однесување за да одредува колку ќе бидат платени за конкретни возења.

Тужбата ја поддржуваат околу 241.000 возачи од Европската Унија и Велика Британија, кои од Uber бараат отштета, но и забрана на практиката за која тврдат дека ги прекршува европските правила за заштита на личните податоци – GDPR.

Спорот се однесува на системот на Uber за динамичко одредување на заработката, кој за секое возење пресметува колкав износ ќе му биде понуден на конкретниот возач.

За исто возење – различна заработка?

Возачите тврдат дека алгоритмот го анализира нивното однесување и проценува колку се подготвени да прифатат за одредено возење.

Тоа, според нив, може да доведе до ситуација различни возачи да добијат различни понуди за иста работа.

Како пример се наведува случај на британски возач на Uber на кого за одредено возење му биле понудени 23 фунти, додека на друг возач, кој се наоѓал веднаш до него, му биле понудени 27 фунти за истото возење.

Токму ваквите разлики се во центарот на спорот, бидејќи возачите сакаат да дознаат дали нивното претходно однесување влијае врз износот што им го нуди платформата.

Uber ги отфрла обвинувањата

Uber ги отфрла тврдењата на возачите.

Од компанијата наведуваат дека заработката за конкретното возење се пресметува врз основа на информации во реално време, како што се рутата, времетраењето на возењето и дестинацијата.

Компанијата, исто така, тврди дека историјата на прифаќање или одбивање возења не се користи како основа за персонализирање на понудите кон возачите.

Случајот може да има последици и за други платформи

Спорот би можел да има пошироки последици за целата платформска економија, бидејќи отвора едно од клучните прашања за иднината на работата преку дигитални платформи:

До каде смеат компаниите да го следат однесувањето на работниците и да користат алгоритми врз основа на тие податоци за да ја одредуваат нивната заработка или пристапот до работа?

Прашањето станува уште позначајно со оглед на тоа што сè повеќе компании користат алгоритми за распределба на задачи, пресметување на заработката и оценување на работниците.

Тужбата доаѓа непосредно откако холандскиот регулатор за заштита на личните податоци го казни Uber со 825 милиони евра поради начинот на кој компанијата користела автоматизирани системи при деактивирањето на сметките на возачите.

Случајот во Амстердам затоа би можел да стане важен тест за тоа колку транспарентни и контролирани треба да бидат алгоритмите што влијаат врз заработката на работниците.

Извор: B92.net