МакедонијаСветот на работникот

„ДОСТОИНСТВЕНИОТ ТРУД НЕ Е ПРИВИЛЕГИЈА, ТУКУ ПРАВО!“ – Потпишан историскиот пакт меѓу Владата, синдикатите и бизнисот

Владата, синдикалните организации, здруженијата на работодавачи и Меѓународната организација на трудот (МОТ) денеска официјално го ставија својот потпис на Националната програма за достоинствена работа за периодот од 2026 до 2030 година! Овој документ претставува стратешки пакт кој треба фундаментално да ги промени условите на македонскиот пазар на труд, да ги крене платите и да овозможи сигурен живот за сите работници.

Премиерот Христијан Мицкоски за време на свеченото потпишување порача дека оваа програма е директен одговор на најголемите рани на македонското општество – масовното иселување на младите луѓе, хроничниот дефицит од квалификувана работна сила и лошата усогласеност меѓу образовниот систем и реалните потреби на бизнисот.

 „Денес потпишуваме документ, но нашата вистинска обврска започнува утре – со неговото спроведување. Затоа што достоинствениот труд не е привилегија. Тој е право. А достоинствениот живот не смее да биде недостижна желба. Тој мора да биде реалност, реална можност за секој наш граѓанин“, порача Мицкоски, нагласувајќи дека новата економска стратегија бара брзи реформи во трудовото законодавство, модернизација на институциите, посилен инспекциски надзор против злоупотребите и максимално економско вклучување на жените на пазарот на труд.

Со новата програма, фокусот на државата во следните пет години ќе биде ставен врз привлекување квалитетни инвестиции кои нема да понудат евтина работна сила, туку високи и достоинствени плати. Владата и партнерите се категорични дека економскиот раст повеќе не смее да остане само бројка на хартија, туку мора директно да го почувствуваат граѓаните преку повисок животен стандард и сигурни работни места.