Драма во Неготино: Куче се нафрлило врз две социјални работнички при службена посета, едната завршила на Итна помош
Две вработени во ЦСР бевме нападнати од домашен миленик при увид во приватен дом, реагира денеска неготинката Павлинка Волканоска.
Таа појаснува дека при извршување службена должност како социјален работник во Центарот за социјална работа, заедно со колешка, биле изложени на опасна ситуација при теренска посета во приватен дом.
– Ние претходно се најавивме и им укажавме да го обезбедат кучето затоа што пред една недела искасало стара жена. Кога стигнавме, кучето во дворот непрекинато лаеше, а потоа се откачи и повеќепати тргна, ме нападна. Кучето се одврзало при што лаејќи, се насочи кон колешката, а потоа и кон мене и се обидуваше да ме касне. Ситуацијата траеше околу десет минути. Сопственичката во почетокот беше на терасата, а кучето беше фатено за ремче дури откако таа излезе во дворот, а претходно во ниту еден наврат не му се обратија на кучето да се смири – истакнува Волканоска.
За среќа, вели, не претрпела физичка повреда.
– Сепак, на облеката има траги од контактот со кучето, од тоа што неколкупати се нафрли на мене, документирав со фотографии. Настанот предизвика силна вознемиреност и отвори сериозно прашање за безбедноста на вработените кои вршат теренска работа. Дополнително, настанот е прикажан во полициската евиденција како поплака дека сум била исплашена од заврзано куче во двор и од таа причина сум пријавила. Сметам дека таквиот краток опис не го прикажува целосно она што се случи. Поради тоа барам настанот да биде соодветно документиран и да се разгледаат околностите врз основа на целосниот опис и сведочењето на присутната колешка – нагласува Волканоска.
Таа истакнува дека целта на ова обраќање не е јавно посочување или изложување на приватни лица, туку укажување на потребата од заштита на службените лица при теренска работа, одговорно обезбедување на домашните животни и професионалноста на сите чинители во ова општество каде сите сме системот.
– Вработените кои одат на терен треба да имаат услови безбедно да ги извршуваат своите работни задачи – апелира таа.
Веднаш по настанот, Волканоска отишла во Итната медицинска помош.
Во медицинскиот документ, извештај потпишан од лекар, во анамнеза и наодот, пишува дека вчера во 11:20 часот, Волканоска се јавила на преглед во Итна медицинска помош поради напад од куче во неколку наврати, за време на вршење на нејзината службена дејност како вработено лице во Центар за социјални работи. Се жалела на чувство на вознемиреност и страв. Случајот бил уредно пријавен во полиција.
– Во врска со прашањето, информираме дека вчера во ОВР – Неготино, П.В.(41) од овој град, пријавила дека додека со својата колешка извршувале работни обврски како претставници од Центар за социјални работи – Неготино, во двор, куче – домашен миленик, кое било врзано со ланец, сопственост на З.Д.(52) од Неготино, започнало да лае, а при излегување од домот, им се нафрлило, но, не им нанело повреди. Извршени биле службени разговори, изготвен бил службен материјал, а во врска со пријавеното во ОВР – Неготино не е доставена лекарска документација. Полициски службеници од ОВР – Неготино писмено го предупредиле З.Д. и известен бил јавен обвинител, според кој, наведениот настан нема елементи на кривично дело – се вели во писмениот одговор од Секторот за внатрешни работи – Велес.

