ЕкономијаСвет

ЕУ воведува казни за доцнење на возовите

Европската Унија усвои пакет нови правила со кои значително ќе се менува железничкиот сообраќај во наредните години, а најголемата новина е воведувањето финансиски санкции за операторите што често доцнат или не ги информираат патниците навреме.

Cпоред новите европски регулативи, железничките компании од 2031 година ќе бидат обврзани да обезбедат попрецизни информации за патувањата, подобра организација и поголема точност на возовите. Во спротивно, ќе се соочат со казни и дополнителни мерки од европските регулатори.

Целта на реформите е да се подобри квалитетот на железничкиот превоз и да се поттикнат граѓаните почесто да избираат воз наместо автомобил или авион за патување низ Европа.

Една од клучните промени е укинувањето на сезонските измени на возниот ред, практика што досега се применуваше двапати годишно. Наместо тоа, ќе се воведе нов систем на континуирано ажурирање на распоредот, што треба да овозможи билетите да бидат достапни многу порано и патниците полесно да ги организираат своите патувања.

Од Брисел очекуваат дека со подобра дигитализација и координација меѓу националните железнички оператори ќе се зголеми бројот на достапни линии и капацитетот на европската железничка мрежа.

Во иднина се разгледува и воведување единствен европски билет за воз, со кој патниците би можеле со една карта да патуваат низ повеќе држави, без потреба од купување посебни билети за секој оператор.