Серафимовски: Недостигот на станови ја турка цената нагоре
Иако во првите месеци од годинава е забележано намалување на продажбата и издавањето станови во однос на крајот на 2025 година, од градежниот сектор велат дека е рано да се очекува пад или стабилизација на цените на недвижностите.
Претседателот на Здружението за градежништво при Стопанската комора, Андреја Серафимовски, смета дека анализата на само еден квартал не може да даде реална слика за движењата на пазарот.
Тој посочи дека веќе пет години цените на становите бележат континуиран раст, па според него, период од три месеци не е доволен за да се предвидат идните трендови или евентуални промени на пазарот.
Според Серафимовски, клучниот фактор што и натаму ги одржува високите цени е големата побарувачка и недоволната понуда на станови, особено во општините каде интересот за купување е најголем.
Тој нагласи дека во изминатиот период граѓаните барале повеќе станови отколку што имало достапни на пазарот, што директно влијаело врз растот на цените.
Говорејќи за состојбата во регионот, Серафимовски посочи дека цените на недвижностите во некои балкански градови се значително повисоки отколку во Скопје. Како пример ги наведе Белград и Софија, каде цената на квадратен метар во одредени делови достигнува и до 10.000 евра, додека цените во Ниш се приближни на оние во Скопје.

