Светот на работникот

Ниту плата од 3.000 евра не помага – угостителите во регионот очајно бараат работна сила

Се поголем број угоститителски работници од Балканот, поточно од поранешна Југославија и ова лето ќе заминат на сезонска работа на крајбрежјата, каде ги очекуваат големи плати, но и исклучително напорни услови за работа.

Побарувачката за готвачите, келнерите и помошниот персонал од година во година расте, па дневниците и платите достигнале рекордни износи, додека домашните угостители се’ потешко успеваат да ги задржат квалитетните работници.

Зад атрактивните сезонски понуди често се кријат смени подолги од 12 часа, помалку слободни денови и голем притисок во текот на летните месеци, особено за готвачите од кои директно зависи квалитетот на услугата и успехот на целата сезона.

За тоа колку денес вреди искуството во угостителството, поради што работници масовно заминуваат на сезонска работа и може ли пазарот во Србија да одговори на конкуренцијата од регионот, во емисијата „Блиц дана“ зборувале шефот на кујна Бојан Аврамовиќ и менаџерот во евент индустијата Бошко Бубања, додека по пат на видео врска се приклучиле и соговорници од црногорското крајбрежје.

Бројот на работници кои заминуваат е се’ помал

Менаџерот во евент индустријата Бошко Бубања оценил дека ситуацијата на пазарот на труд во угостителството е и понатаму тешка, особено по пандемијата со коронавирусот, но дека во последните неколку месеци се забележуваат одредени промени. Како што навел, денес е сепак нешто полесно да се пронајдат готвачи отколку пред две години, и покрај тоа што побарувачката за работници во оваа област и понатаму е голема. Слична е и ситуацијата во Македонија, каде недостигот на работници во секторот е очигледен, особено во текот на летото кога македонските работници заминуваат на сезонска работа.

Бубања укажал и на падот на заминувањето на работници од Србија на сезонска работа во Хрватска. Како што рекол, според податоците од минатата година, бројот на работници кои заминале бил помал за околу пет проценти во однос на 2023 година, што е прв пат по шест или седум години константен раст.

Па така, Србија од второ место по бројот на ангажирани работници во Хрватска, паднала на трето место, а според податоците на хрватското МВР до крајот на април оваа година и на четврто место.

„Се’ повеќе луѓе остануваат тука, што е добро и за земјата и за самите работници, но и за нас кои се бавиме со организација на работата“, порачал Бубања.

Бројот на македонски сезонски работнци пак континуирано расте, на што и укажуваат и домашните угостителски објекти.

Готвачите во најповолна позиција, келнерите најбарани

Шефот на кујна Бојан Аврамовиќ истакнал дека готвачите денес се во позиција да избираат каде ќе работат, бидејќи побарувачка за квалитетен кадар е поголема од понудата.

Како што навел, искусните готвачи повеќе не се согласуваат лесно на компромиси, туку често сами ги одредуваат условите под кои ќе ја прифатат работата.

„Денес готвачите не само што можат да избираат, туку често и ги диктираат условите. Доаѓаат со јасно одредена бројка под која не сакаат да работат, а на работодавачот останува дали ќе прифати или не“, рекол Аврамовиќ.

Зборувајќи за ситуацијата во струката, укажал и на големата флуктуација на работници во угостителството. Според неговите зборови, ретки се готвачите кои во ист ресторан остануваат пет или седум години, без оглед на искуството и квалитетот на работа.

Поради тоа препораките, репутацијата и професионалниот однос кон работата останале важни речиси колку и самата кулинарска уметност, особено кога станува збор за заминувањето сред или пред самата сезона.

Менаџерот во евент индустријата Бошко Бубања оцени дека во текот на летната сезона речиси и да нема угостителска позиција што лесно може да се пополни, бидејќи со растот на сезонските работи расте и потребата од работници.

Како што наведе, дополнителна конкуренција создаваат летните локали, базените, Ада Циганлија, но и планинските центри кои во последните години работат и во текот на летото.

Според него, моментално најбарани се келнерите, пред сè затоа што ги има најмногу во секој угостителски објект. Веднаш зад нив се хигиеничарите и помошниот персонал, како во ресторанскиот дел, така и во кујната.

Црна Гора: Готвачите заработуваат и до 1.800 евра, шефовите на кујна до 3.000

Владимир Марковиќ, менаџер на ресторан во Будва и професор по угостителство во средно училиште во Будва, изјави дека угостителството во регионот се соочува со сериозен недостиг на работна сила, додека сè повеќе работници заминуваат кон Западна Европа во потрага по подобри услови за работа и повисоки плати.

Говорејќи за заработката на црногорското приморје во текот на летната сезона, Марковиќ наведе дека готвачите во топла кујна можат да заработат меѓу 1.500 и 1.800 евра месечно, додека платите на шефовите на кујна достигнуваат и до 3.000 евра.

Келнерите кои работат во една смена, со слободен ден, месечно заработуваат меѓу 800 и 1.000 евра.

Сè помалку сезонски работници од Србија во Црна Гора

Тој истакна дека Црна Гора денес има сè помалку сезонски работници од Србија, па угостителите сè почесто бараат работна сила во земји како Азербејџан, Турција и Мексико.

„Црна Гора бара работници од регионот, а регионот губи луѓе кон Западна Европа. Тоа е суштината“, изјави Марковиќ.

Според него, денес ниту високата плата повеќе не е пресудна за задржување квалитетни работници, бидејќи вработените очекуваат и слободни денови, квалитетно сместување и подобри услови за работа.

„Секој работник кој има статус на сериозен угостителски работник може да работи каде сака“, рече Марковиќ.

Тој предупреди и дека младите во регионот угостителството најчесто го доживуваат како привремена работа, а не како сериозна кариера, поради што интересот за угостителските училишта опаѓа.

Сè помалку Срби работат и во Хрватска

Претседателката на Здружението за угостителски дејности при Хрватската стопанска комора, Јелена Табак, изјави дека на Хрватска годишно ѝ недостигаат околу 35.000 работници во угостителството и туризмот, поради што сезоната повеќе не може да функционира без странски работници.

Како што наведе, работниците од Србија и понатаму заминуваат на хрватското приморје, најчесто на островите и туристичките места во средна Далмација, но во последните години ги има сè помалку.

„Очигледно е дека тој базен го исцрпивме или потребите пораснаа, па веќе нема доволно работници од Србија или Црна Гора“, изјави Табак.

Таа додаде дека сезонските работници од Србија најчесто одат на море поради заработката и интензивната работа во текот на два или три месеци, по што се враќаат дома со значителна заштеда.

Денес потешко се наоѓаат келнери отколку готвачи

Говорејќи за пазарот на трудот, Табак оцени дека денес можеби е дури полесно да се пронајдат готвачи отколку келнери, бидејќи професијата готвач во последните години станала попопуларна и попривлечна за младите.

„Со келнерите имаме многу поголем проблем“, изјави Табак, додавајќи дека младите најчесто избираат ИТ и канцелариски работи, додека за угостителството најчесто ги мотивираат добрата заработка и бакшишот во текот на сезоната.

Таа смета дека работата на келнер денес бара многу повеќе знаење и вештини отколку порано.

„Морате да бидете психолог, мора да бидете физички издржливи, мора да знаете многу за храната и вината“, порача Табак.

Таа додаде дека младите денес угостителството најчесто го гледаат како привремена работа или начин за заработка за време на школувањето, а не како долгорочна кариера.

Говорејќи за сезонските заработки, Табак нагласи дека високите плати често не ја прикажуваат реалната слика, бидејќи сезонската работа подразбира голем број работни часови и многу напорно темпо на работа.

Извор: Bizportal.rs