„Факом“ во стечај, работниците чекаат 10 плати!
Досега раководството на компанијата не дало официјално објаснување за причините што доведоа до ваквата состојба, ниту со став за иднината на компанијата и побарувањата на работниците
Основниот граѓански суд во Скопје донесе одлука за отворање стечајна постапка над металуршката компанија „Факом“, додека незадоволните вработени протестираа пред фабриката барајќи исплата на заостанатите примања.
Одлуката доаѓа по подолг период на финансиски проблеми во компанијата, во која работниците, според синдикатот, не добиле плата во изминатите десет месеци. Сега нивните надежи се насочени кон стечајната постапка, од која очекуваат да произлезе решение за исплата на долговите кон вработените.
За стечаен управник е именуван Томе Петров. Од Основниот граѓански суд информираа дека на рочиштето предлагачите останале на барањето за отворање стечајна постапка, по што судот донел соодветна одлука. Формалното решение треба да биде објавено во „Службен весник“.
„Околу петстотини фамилии во денешно време без здравствено осигурување. Која голгота преживуваат овие луѓе зад мене тука. За жал, ќе потенцирам, за овие десет месеци ни починаа четворица колеги, се мислам дека поради оваа голгота што ја трпат луѓето“, изјави Аднан Узеировски, вработен во „Факом“ и претставник на синдикатот.
Од синдикатот СИЕР посочуваат дека компанијата имала договорени нарачки и продолжила со работа, но и покрај тоа не биле исплаќани платите на вработените.
Досега раководството на „Факом“ не дало официјално објаснување за причините што доведоа до ваквата состојба, ниту со став за иднината на компанијата и побарувањата на работниците.
Стечајната постапка треба да го утврди имотот и обврските на компанијата, како и побарувањата на доверителите, меѓу кои се и вработените со неисплатени плати.

