Финска организира потрага по богатство! Наградата е златна прачка вредна 20,000 евра: Еве за што се работи
Лапонија во Финска, позната пред сѐ како дом на Дедо Мраз и по пејсажите кои потсетуваат на магичниот свет од Нарнија, ги повикува туристите ова лето да го заменат возењето со ирваси со повеќемесечна потрага по скриено злато.
Учесниците ќе ги истражуваат стазите и знаменитостите на местото Леви, туристички центар на северот на Финска познат по зимските скијалишта и погледот на поларната светлост. Ловците на среќа таму ќе трагаат по златна прачка вредна 20,000 евра.
Потрагата под назив „Midnight Sun Hunt“ (Потрага под полноќно сонце) започнува на 18 јуни во туристичкиот центар Леви, соопштила организацијата Visit Levi.
Учесниците ќе можат да ја преземат првата трага и да се регистрираат за потрагата во центарот за посетители. Потоа ќе добиваат нови траги кои ќе ги водат низ локални стази, атракции и знаменитости, приближувајќи ги до скриената награда.
Организаторите наведуваат дека златната прачка може да се пронајде после било кој траг, додека во текот на летото ќе бидат објавувани дополнителни наговестувања кои постепено ќе го олеснат откривањето на нејзината локација.
Леви, сместен северно од Арктичкиот круг, најпознат е како еден од водечките скијачки места во Финска и е популарна зимска дестинација.
Во текот на летните месеци регионот го доживува феноменот на полноќно сонце, па во одредени периоди Лапонија има дневна светлост полни 24 часа.
„Леви е пред сѐ познат по зимата, но летото е сѐ уште неоткриено за многумина“, изјавила Сату Песонен, извршна директорка на организацијата Visit Levi.
„Сакаме на патниците да им пружиме нова причина да го посетат Леви во време кога сонцето никогаш не заоѓа и кога планинскиот пејсаж покажува сосема поинакво лице.“
Скијалиштето Леви е едно од бројните европски зимски центри кои ја прошириле својата понуда и во летната сезона, нудејќи активности без снег како параглајдинг, планинарење, рафтинг на реки и возење на планиски велосипеди.
Потрагата „Midnight Sun Hunt“ се организира во соработка со компанијата Agnico Eagle Finland, рударска компанија за експлоатација на злато со седиште во Китили, како и со ски центарот Леви.
На учесниците им се советува да се движат одговорно, да останат во дозволените подрачја и да го почитуваат природното опкружување. Организаторите нагласуваат дека потрагата не бара копање, ниту било какво нарушување на теренот.
Извор: CNN

