ЕкономијаМакедонија

АНАЛИЗА: Во пресрет на ребалансот, нови фискални прогнози – понизок раст на БДП, повисока инфлација и подлабок буџетски дефицит

Во пресрет на најавениот ребаланс на Буџетот 2026 та веќе е извесно дека економскиот раст ќе биде понизок од сега планираниот на ниво од 3,8%, пишува Порталб. Извесно е дека и инфлацијата ќе биде значајно повисока во однос на сегашниот план. Јавниот долг кој на крајот на 2025 та надмина 10 000 000 000 евра , во апсолутен износ ќе се зголемува.

Јавен долг над 61%, инфлација од 4,5%

Економскиот раст за годинава и следната година веќе е “стопен” во новите буџетски документи кои се предворје на ребалансот на Буџетот. Според податоците од новата Фискалната стратегија 2027 – 2031 година, растот на БДП за годинава е намален од 3,8% на 3,5% додека инфлацијата од сегашните 2,5% се зголемува на дури 4,5%.

                                              Сегашни прогнози                            Нови прогнози

Раст на БДП                                     3,8%                                               3,5%

Инфлација                                       2,5%                                               4,5%

Дефицит на тековна сметка      -3,8%                                             -5,0%

Извор Стратегија 2027-2031

Еден од поалармантните параметри е дефицитот на тековната сметка односно трговскиот дефицит кој од сегашните -3,8% се зголемува на -5%.  Новите фискални прогнози упатуваат на зголемување на невработеноста на 11 % а намалување на вработеноста на 47%.  Според информациите, владината процедура за усвојување на ребалансираниот буџет треба да почне оваа недела. Министерската за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска веќе потврди дека минусот во државната каса ќе биде подлабок од планираниот, но не повисок од ланскиот на ниво од 4%.

“Можно е да има одредени корекции како резултат на мерките во рамките на акцизите за нафтата и нафтените деривати, така што може да има одредени отстапувања, но консолидацијата значи дека нема да имаме буџетски дефицит поголем од оној од минатата година. Многу внимателно се работи на трошењата и обврските се сервисираат навремено” – најави министерката за финансии. 

Буџетски дефицит и јавен долг …

Според економистите, со ова е извесно и дека и оваа година нема да се одржи утврдената граница од 3% буџетски дефицит.

“Споредбата на последователните Фискални стратегии открива системска тенденција на одложување на фискалните цели. Целта за дефицит под 3% — утврдена со Законот за буџети и усогласена со Мастришките критериуми — се поместува трет пат по ред: сега, од 2027 за 2028 година (Табела 1). Секое одложување не е неутрален технички чин — тоа значи повеќе камати, помал фискален простор и поголема изложеност на ризик при нови шокови. Кога исклучокот станува правило, тоа го губи кредибилитетот” – наведуваат економистите од Фајнанс Тинк.

Во однос на Јавниот долг, кој на крајот на 2025 та надмина 10 милијарди евра, годинава ќе достигне 61,5% и нивото од над 60% ќе се одржува до крајот на 2028 та година, со тенденција на зголемување во 2027 та година.. Според економистите загрижувачки е трендот на пораст на расходите по основ на камати.

“Нивната динамика во Фискална стратегија е загрижувачка: од 17,8 милијарди денари во 2024, каматите растат на 34,1 милијарди во 2031 — зголемување од 91% за осум години, или двојно повеќе отколку пред десетина години (Табела 3). Во 2025 тие веќе изнесуваа 70% од вкупните капитали расходи, а иако проекциите за 2031 нудат поповолна слика (36%), таа е изградена врз претпоставка за трикратен скок на капиталните инвестиции — сценарио кое историски никогаш не е реализирано” – преценуваат од Фајнанс Тинк.

Како главна причина поради која се “пробива”  поставениот лимит на Јавниот долг од 60% , од министерството ги посочуваат обврските кои доспеваат за отплата во следните години по основ, пред се,  на еврообврзници.

                       Проекција за Јавен долг (% од БДП)

2026 та                                   61,5%

2027 та                                   61,8%

2028 та                                    60,9%

2029 та                                    59,8%

Извор: Нова  Стратегија за управување со јавен долг         

Според последните достапни податоци од Министерството за финансии , на крајот од првиот економски квартал Јавниот долг изнесува 10 747 400 000 евра или 59,9% од БДП.