СветСветот на работникот

Фолксваген планира до 100.000 откази

Германскиот автомобилски гигант Фолксваген се соочува со длабока трансформација, во рамки на која би можеле да бидат укинати до 100.000 работни места ширум светот, објави списанието „Менаџер магазин“ (manager magazin), повикувајќи се на извори од компанијата.

Според извештајот, концернот, кој моментално вработува околу 657.000 луѓе, планира значително да го намали бројот на работни места во наредните години. Ова би значело двојно зголемување на постојната цел за кратење од околу 50.000 работни места до 2030 година – план кој веќе се сметаше за без преседан по својата радикалност.

Сепак, засега не е прецизирано дали дополнителните кратења ќе се спроведуваат до 2030 година или во подолг временски период по тоа. Исто така, сè уште не е јасно како точно ќе биде составена вкупната бројка на укинување работни позиции.

Целосниот план за преструктурирање, според медиумот, бил презентиран од извршниот директор на Фолксваген, Оливер Блуме, пред управниот одбор на компанијата. Друг извор за списанието изјавил дека во клучниот документ намерно не е наведена конкретна бројка за кратење на работните места.

Затворање на фабрики и структурни промени

Покрај намалувањето на работната сила, извештајот наведува дека среднорочно би можело да дојде и до  затворање на четири фабрики во Германија. Станува збор за погоните на Фолксваген во Хановер, Цвикау и Емден, како и фабриката на Ауди во Некарзулм.

Според плановите, производството во овие погони би било прекинато по завршувањето на актуелните модели што моментално се произведуваат таму.

Дополнително, се разгледува и радикална реорганизација на целиот концерн. Според „Менаџер магазин“, основниот бренд Фолксваген и подружницата за компоненти би можеле да бидат издвоени од постојната групација и трансформирани во посебни компании. Овој пристап би овозможил полесно пласирање на одделни брендови на капиталните пазари.

Портпарол на Фолксваген одби да ги коментира наводите, нагласувајќи дека компанијата не коментира интерни и доверливи документи. Тој посочи дека сите релевантни прашања се разгледуваат во надлежните тела и дека не треба да се прејудицира исходот од тој процес.

Воедно, од компанијата признаваат дека  автомобилската индустрија поминува низ длабока трансформација.  „Точно е дека целата индустрија и Групацијата Фолксваген се соочуваат со сериозни промени“, изјави портпаролот.

Во изминатите месеци, управниот одбор интензивно работел на стратегија за идниот развој и реорганизација на компанијата. Целта е  Фолксваген да стане поефикасен  и пофлексибилен, како и подобро да ги искористи технолошките синергии.

Се очекува надзорниот одбор да ја разгледа темата на 9 јули.

Сепак, останува неизвесно како овие планови ќе бидат прифатени, особено од претставниците на вработените и од покраината Долна Саксонија, која има значајно влијание во концернот. Плановите за затворање на фабрики во  Германија би можеле да предизвикаат силен отпор во тие кругови.

Извор: DW