ЕкономијаСвет

Фон дер Лајен: Единствениот пазар мора да се прилагоди на вештачката интелигенција и геополитичките предизвици

Единствениот пазар на Европската Унија треба да се прилагоди на предизвиците на денешницата – трката во развојот на вештачката интелигенција, итните климатски акции и геополитичкиот натпревар – изјави денеска претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен пред Европскиот парламент.

– Единствениот пазар останува нашата најефикасна алатка, не само за просперитет, туку и за стратешко влијание. Со 450 милиони луѓе и пазар од 18 трилиони евра, ЕУ има моќ да ги поставува глобалните стандарди – истакна Фон дер Лајен. Таа предупреди дека технолошките промени и геополитичкото ривалство не и оставаат друг избор на Унијата освен модернизација на пазарот.

Како прв чекор таа го посочи отстранувањето на постојните бариери преку иницијативата „ЕУ инк“ (EU inc) – единствен правен рамковен систем за основање компании во рок од 48 часа за помалку од 100 евра, со што ќе се избегнат 27 различни национални правни системи. За остварување на технолошкиот суверенитет, Комисијата наскоро ќе го претстави и Актот за чипови 2.0.

За време на расправата, европратениците од Европската народна партија (ЕПП) се заложија за поедноставување на регулативите, додека социјалдемократите предупредија на порастот на сиромаштијата. Пратениците од зелените ја поврзаа ефикасноста на пазарот со европската безбедност наспроти американската политика, руската агресија и кинеската конкурентност.