ЕкономијаСвет

Германија воведува штедење за пензија од детство: По 10 евра месечно за деца од 6 години

Германија планира од 1 јануари 2027 година да започне нова програма за рано пензиско штедење, според која државата ќе уплаќа по 10 евра месечно за деца на возраст од шест до 18 години. Средствата ќе се инвестираат на пазарот на капитал, а според пресметките на германското Министерство за финансии, вкупната државна поддршка од 1.440 евра по дете би можела до 65-годишна возраст да достигне околу 53.000 евра. Сепак, станува збор за теоретска проекција заснована на годишен принос од седум проценти, без гаранција за добивка и без пресметани инфлација и даноци.

Мерката прво ќе важи за децата родени во 2020 година, кои во 2026 полнат шест години, а потоа секоја година ќе се вклучува нова генерација шестгодишници. Условите вклучуваат живеалиште во Германија и даночен идентификациски број. Родителите ќе можат да отворат посебна инвестициска сметка кај овластена приватна институција, додека во спротивно државата автоматски ќе ги инвестира средствата во фондот „Frühstartrente“, со кој ќе управува Бундесбанк. Дозволени ќе бидат и дополнителни приватни уплати до 6.840 евра годишно.

Според предлог-законот, средствата ќе бидат наменети исклучиво за пензиско штедење и нема да можат слободно да се повлекуваат, освен во одредени случаи како финансирање сопствен дом. Приносите нема да бидат загарантирани, а евентуалните загуби нема да ги покрива државата. Германската влада проценува дека програмата ќе чини 198 милиони евра во 2027 година, а до 2030 годишниот трошок би можел да порасне на 411 милиони евра, со вкупен трошок од околу 1,2 милијарди евра за првите четири години.