„Амазон“ бара над 300.000 работници за празничната сезона
Американската компанија „Амазон“ планира да вработи повеќе од 300.000 работници во Соединетите Американски Држави за време на претстојната празнична сезона.
Ова е прво зголемување на сезонските вработувања за три години, бидејќи онлајн трговецот на мало се подготвува за пораст на нарачките за време на празничниот шопинг период, објави „Ројтерс“.
Во текот на претходните три години, „Амазон“ вработи 250.000 работници за празничната сезона, додека годинашните конкурси ќе вклучуваат сезонски, со скратено работно време и постојани работни места во логистичката и оперативната мрежа на компанијата низ САД.
Американската национална федерација за малопродажба (NRF) минатата недела прогнозираше дека празничната малопродажба во Соединетите Американски Држави оваа година ќе се зголеми за 4,2 проценти во споредба со истиот период минатата година и ќе надмине трилион долари (околу 860 милијарди евра).
„Амазон“ објави дека просечната часовна плата на сезонските работници ќе биде 20 долари (околу 17,20 евра), додека постојано вработените на оперативни работни места ќе имаат минимална часовна плата од 20 долари, а просечна часовна плата од речиси 24 долари (околу 20,60 евра), без да се сметаат дополнителните бенефиции.
Компанијата, исто така, објави дека почнувајќи од следната година, сезонските работници кои работат најмалку 30 часа неделно ќе имаат право на здравствени бенефиции што им се нудат на постојаните вработени со полно работно време.
Зголемувањето на сезонските вработувања доаѓа во време кога американските трговци на мало очекуваат поголема побарувачка во текот на ноември и декември, додека се обидуваат да ги контролираат трошоците за водење бизнис.
Порано овој месец, Амазон, исто така, објави помал број отпуштања во својот малопродажен сектор.

