ИГ Метал со 24-часовни штрајкови го засилува притисокот
За првпат по осум години, синдикатот ИГ Метал започна бран 24-часовни предупредувачки штрајкови во германската метална и електроиндустрија поради застојот во колективните преговори за платите и условите за работа.
Со бран целодневни предупредувачки штрајкови, синдикатот ИГ Метал го зголемува притисокот во заглавените колективни преговори во германската метална и електроиндустрија.
На прекин на работата овој петок се повикани илјадници вработени во компании низ речиси целата територија на Германија.
Меѓу нив се бродоградилишта во северниот дел на земјата, компании-добавувачи во Баден-Виртемберг, како и автомобилските фабрики на БМВ и Ауди во Баварија, кои според барањата на синдикатот треба да ја прекинат работата во текот на целиот ден. Во првите компании предупредувачките штрајкови започнаа уште во четвртокот.
Критики од работодавачите
Дополнителни акции се најавени и за почетокот на следната недела. ИГ Метал првпат по осум години прибегнува кон 24-часовни штрајкови. За разлика од краткотрајните предупредувачки штрајкови, синдикатот на своите членови им исплаќа штрајкувачки надоместок.
Работодавачите реагираа со остри критики. Според нив, погодените компании трпат значителни штети во и онака напнатата економска состојба. Тие предупредуваат дека би можеле да бидат загрозени работни места и цели производствени локации.
Нема напредок во преговорите
На национално ниво, околу 3,7 милиони мажи и жени работат според условите од секторскиот колективен договор. Индустријата ги опфаќа клучните гранки на германското производство, меѓу кои автомобилската индустрија, машиноградбата, електроиндустријата и производството на метали.
Третата рунда преговори не донесе приближување на ставовите меѓу двете страни.
Синдикатот ИГ Метал бара зголемување на платите за вработените од 5 отсто, при што договорот би важел дванаесет месеци. Работодавачите предложија еднократна исплата следната година, како дел од договор со времетраење од 26 месеци, по што би следело постепено зголемување на платите од 1,3 отсто во 2028 година. Понатаму, во тек се преговори за можни привремени отстапувања од договорот, со цел да се олеснат инвестициите или да се зачуваат работните места. Здруженијата на работодавачи ја оправдаа оваа понуда – која е под општата стапка на инфлација – наведувајќи го големиот товар на трошоците; тие исто така укажаа на загубата на стотици илјади работни места, предупредувајќи дека овој тренд ќе продолжи доколку условите останат неповолни.
Извор: ДВ

