Испратила 300 пријави за работа, но одговори нема – жена го открила најголемиот проблем на искусните работници
Лесли Соненклар од Феникс, Аризона, никогаш не очекувала дека децениите искуство во кариерата еден ден ќе и’ отежнат во пронаоѓањето на нова работа. После повеќе од три децении работа во областа на комуникацијата и маркетинг, оваа 55 – годишна професионалка во последните 14 месеци се обидува да пронaјде нова прилика, но без успех.
Откако во март 2025 година останала без работа, Лесли се пријавила на повеќе од 300 работни места. Ги прилагодувала биографиите, пишувала мотивациски писма, разговарала со регрутери, контактирала менаџери за вработување и се обидела да пронајде позиции кои би и’ одговарале на богатото искуство.
Сепак, наместо 32-те години работа да и’ бидат предност, имала чувство дека токму тоа искуство и’ ги затвора вратите.
„Никогаш не сум била во ситуација да не можам да најдам работа. Тешко ми е и понекогаш ми е непријатно, но морам да верувам дека ова е само момент и дека ќе продолжам таму каде што застанав“, рекла таа.
Повеќе од 300 пријави, а само неколку разговори
Во текот на кариерата Лесли работела како координатор на маркетинг, водела сопствен бизнис 11 години, а последната позиција и’ била како директорка за содржина и комуникација во маркетиншка агенција.
И покрај искуството, бројот на одговори од компаниите бил мал. Особено фруструрачки и’ било што на платформите за вработување често се гледа дека за едно работно место се пријавуваат стотина кандидати.
„LinkedIn може да напише дека се пријавиле повеќе од 100 луѓе, но тоа може да значи и 101 и 1.001. Уште тогаш имате чувство дека шансите се против вас, пред некој воопшто да го погледне вашето CV“, навела таа.
За да ги зголеми шансите, ја прилагодувала својата биографија на барањата на огласите и ја користела вештачката интелигенција за искуството да го поврзе со бараните вештини.
„Знам дека носам вредност. Имам добра процена, зрелост, креативност и децении искуство во градење на брендови. Подготвена сум да учам и иновирам. Дури и помладите колеги ги учев како да ја користат вештачката интелигенција“, истакнала таа, пишува Business insider.
Дали годините стануваат препрека?
После бројните неуспешни обиди, Лесли смета дека една од причините за одбивањето е токму нејзиното животно и професионално искуство.
„Единствен заклучок до кој можам да дојдам е дека сум преквалификувана за многу работни позиции или дека работодавачите мислат оти сум предолго во индустријата и дека тешко се прилагодувам“, рекла Лесли.
Вели дека дури и регрутерите и’ велеле во апликациите да ги наведува само последните десет години од работното искуство.
Според нејзиното мислење, многу компании преферираат помлади кандидати бидејќи очекуваат дека полесно ќе ги обликуваат и дека ќе им понудат пониска плата.
„Компаниите велат дека бараат искусни луѓе, но огласите често изгледаат како да бараат суперхерој. Едно лице треба да ја води стратегијата, да пишува содржина, да работи SEO, аналитика и дизајн. Тоа не се истите вештини“, оценила таа.
Ја променила стратегијата во потрагата по работа
После девет месеци без успех, Лесли го променила пристапот. Наместо да се потпира само на огласите на LinkedIn, започнала да бара директни контаки и препораки.
Исто така се откажала од барањето само на работа на далечина и започнала да конкурира и за позиции во компаниите од својот град.
Сепак, еден од најтешките делови на процесот бил контактот со луѓе кои ги познава со години, а кои често не и’ одговарале.
„Повремено некој би се потрудил да ме препорача на менаџерот за вработување или регрутерот и тоа ми донесе неколку разговори. Но не беше доволно“, вели таа.
„Никогаш не мислев дека ќе се најдам во оваа ситуација“
За Лесли потрагата по работа не бил само финансиски предизвик, туку и емотивно тешко искуство.
„Ова е едно од најпонижувачките искуства во мојот живот. Никогаш не мислев дека ќе бидам во оваа ситуација“, рекла таа.
Додава дека прашањата од страна на семејството и пријателите, иако се со добра намера, дополнително и’ ја отежнуваат ситуацијата.
„Секогаш кога морам да кажам: ‘ Не, се’ уште не најдов работа’, чувствувам дополнително разочарување“, признала таа.
Сепак, не стравува за својата финансиска иднина. Во текот на годините штедела и планирала, па моменталната ситуација не и’ ја загрозува егзистенцијата.
Најголемата грижа и’ е што времето без работа значи и помалку вложување во идната пензија.
И покрај се’, верува дека ќе пронајде нова прилика.
„Знам дека нешто ќе пронајдам. Само прашање е кога ќе се појави вистинската прилика“, порачала таа.
Извор: Bizportal.rs

