Како да станете незаменливи во ерата на вештачката интелигенција?
Иднината на работата и бизнисот не е некаде далеку – таа се гради токму сега. Додека едни експериментираат со AI алатките, мнозинството чувствува оправдана анксиозност, обидувајќи се да се снајде во брзите промени користејќи застарени правила.
Она што многумина го превидуваат е дека токму нашите единствени човечки вештини се тие што нè прават незаменливи. Во соработка со невронаучници, психолози и лидери во вработувањето, LinkedIn дефинираше пет клучни способности, таканаречени 5C, кои секој од нас може и мора да ги развива, пишува CNBC.
1. Љубопитност (Curiosity)
AI генерира можности врз основа на обрасци. Човекот е тој што одлучува што е важно и го поставува прашањето: „Што ако пробаме нешто потполно поинакво?“ Љубопитноста ја претвора рутината во откритие. Тоа е лекарот кој забележува дека пациентот затреперува додека зборува за приватниот живот и „копа“ подлабоко додека не го открие вистинскиот причинител на стресот. Користете ја љубопитноста за да ја усогласите вашата кариера со она што навистина ве придвижува.
2. Храброст (Courage)
AI може да го пресмета ризикот, но само човекот одлучува кој ризик вреди да се преземе. Храброста е подготвеност да дејствувате без целосни информации и да тргнете напред кога исходот не е загарантиран. Тоа е дизајнерот кој инсистира на целосен ребрендинг додека сите останати се држат до status quo. Во работата, храброста го претвора двоумењето во акција.
3. Креативност (Creativity)
AI може да го „ремиксува“ она што веќе постои, но луѓето се тие што повторно го замислуваат светот. Креативноста не е резервирана само за уметниците. Тоа е медицинската сестра која ќе осмисли „комплет за утеха“ за анксиозни пациенти или аналитичарот на податоци кој ги визуелизира информациите така што невидливите обрасци одеднаш стануваат очигледни. Тоа е создавање нови начини на одговор во ситуации кои другите воопшто не ги гледаат.
4. Сочувство (Compassion)
AI може да симулира загриженост, но само човекот може да ја почувствува и изрази. Сочувството ги претвора обичните трансакции во односи, а тимовите во заедници. Тоа е менаџерот кој ќе забележи пад во продуктивноста на вработениот, ќе дознае дека тој се грижи за болен родител и тивко ќе му организира флексибилно работно време. Човечкиот контакт, па макар тоа бил и обичен телефонски повик „само да слушнеме како си“, фундаментално ја менува динамиката на тимот и способноста за донесување добри одлуки.
5. Комуникација (Communication)
AI може да преведува јазици, но само човекот го претвора јазикот во значење. Во бизнисот, комуникацијата одредува дали една идеја ќе пропадне или ќе заживее. Можете да користите AI да ви помогне во структурата на текстот или рафинирањето на примерите, но суштината на приказната, емоцијата и разбирањето на моментот во кој се наоѓаме може да ги пренесе само човек. За да комуницирате со луѓе, мора да ги познавате луѓето. Мора да бидете човек.
Во свет кој се менува побрзо од кога било, вашата најголема предност не е познавањето на алгоритмите, туку враќањето кон сопствената хуманост. Фокусирајте се на овие 5 способности и нема само да ја преживеете иднината на работата – вие ќе ја водите.
Извор: BIZlife.rs

