ЕкономијаСвет

Кинеските брендови ја освојуваат светската технолошка сцена

Од камери и паметни телефони до електрични автомобили и роботски правосмукалки – кинеските брендови освојуваат сѐ поголем дел од глобалниот пазар и покрај загриженоста за приватноста и безбедноста.

Дали се сеќавате на времето кога GoPro беше синоним за акциони камери?

На својот врв во 2015 година, американската компанија продаде околу 6,6 милиони уреди и држеше повеќе од 70 проценти од пазарот. Денес овој пионер се бори за опстанок.

Главниот виновник е кинеската конкуренција.

Најголемите конкуренти на GoPro, DJI и Insta360, влегоа на пазарот на акциони камери во 2019, односно во 2021 година. Денес тие сочинуваат повеќе од 90 проценти од глобалната продажба на паметни рачни камери.

Александер Ханеман, кој редовно користи вакви камери за снимање мотоциклистички возења, вели дека пред околу две години преминал од GoPro на Insta360.

„Квалитетот е многу подобар отколку кај GoPro, дури и кога забрзувам и влегувам во свиоци со брзина од околу 80 километри на час“, изјави тој за ДВ.

Растечката технолошка предност на Кина

Случајот со GoPro не е исклучок. Од околу 2010 година, многу кинески брендови не само што ги достигнаа, туку и ги надминаа некогаш доминантните западни конкуренти во индустријата за потрошувачка технологија, од паметни телевизори до роботски правосмукалки.

Помина времето кога ознаката „Made in China“ беше симбол за евтини, масовно произведени производи.

„Кина и денес произведува достапни производи“, вели Крис Переира, канадски претприемач и автор со повеќе од 20 години искуство во Кина. „Но, тие производи се и со висок квалитет“, додава тој.

Переира наведува дека токму оваа комбинација довела повеќе од половина од новите производи за потрошувачка технологија во светот да доаѓаат од кинески добавувачи.

BYD, Xpeng и другите кинески производители на автомобили минатата година продадоа речиси две третини од сите електрични автомобили, надминувајќи компании како Тесла. Во сегментот на роботски правосмукалки, кинеските брендови доминираат на глобалниот пазар, оставајќи ја поранешната американска пионерска компанија iRobot да се соочува со силна конкуренција.

Зошто кинеските компании имаат предност?

Переира, чија консултантска компанија iMpact им помага на кинеските фирми да се прошират на странските пазари, нивниот успех го припишува на жестоката домашна конкуренција во градови како Шенжен, Хангжу и Шангај, високо интегрираните синџири на снабдување и деловната култура што им овозможува на компаниите брзо да иновираат и да реагираат на проблемите.

Други важни фактори за конкурентската предност на Кина се исклучително развиената индустриска автоматизација, користењето вештачка интелигенција во производството, брзото регулаторно реагирање и релативно евтината работна сила. Сето тоа овозможува значително пониски производствени трошоци и побрзи циклуси на иновации отколку во најразвиените светски економии.

Џои Ченг, кој пред повеќе од 20 години се преселил во САД за докторски студии, е добро запознаен и со американските потрошувачи и со кинеските производители.

Иако неговиот стартап е со седиште во САД, речиси целото производство се одвива во Шенжен, каде што се произведува голем дел од светскиот хардвер и потрошувачка електроника.

„Синџирот на снабдување во Шенжен е практично незаменлив кога станува збор за намалување на трошоците и брз развој на производи“, вели Ченг. „Особено како стартап, мора брзо да пласирате производ на пазарот, во спротивно ќе бидете исфрлени од трката“, додава тој.

Загриженоста за приватноста останува

Иако потрошувачите масовно се вртат кон кинеските компании, одредени резерви и натаму постојат.

Неодамнешна анкета покажала дека повеќе од 90 проценти од Европејците не им веруваат на кинеските технолошки компании кога станува збор за нивните податоци, додека околу 80 проценти не им веруваат ниту на американските компании. Германците покажале највисоко ниво на недоверба.

Надин, германска блогерка за патувања која користи производи на DJI и Insta360, вели дека дома не би користела азиски производи.

„Мојата роботска правосмукалка е од германска компанија токму поради тоа. Така податоците остануваат во рамки на германските прописи. На крајот, производителите можат директно да се поврзат со камерата“, изјави таа, мислејќи на случаи на хакирање на камери и аудиосистеми поврзани со роботски правосмукалки.

Сепак, Переира смета дека кинеските компании кои се шират на странските пазари мора да платат „премија на доверба“.

„Овој дефицит на доверба значи дека тие мора дополнително да бидат конкурентни во однос на производот и цената за пазарот да ги избере“, вели тој.

Переира додава дека јазот може да се намали преку поголемо присуство на странските пазари, како што е првата европска фабрика за патнички автомобили на BYD, чие отворање во Унгарија се очекува подоцна оваа година.

Кинеските компании тврдат дека ги почитуваат правилата на ЕУ за заштита на податоците. Сепак, законите за национална безбедност во САД и Кина можат да бараат од компаниите да им предадат податоци на властите, додека германските претставници предупредуваат дека надзорот врз евентуалното пренесување податоци од европските сервери во странство е ограничен.

Покрај загриженоста за приватноста, кинеските компании за потрошувачка технологија се соочуваат и со сомнежи поврзани со шпионажа и други безбедносни ризици, а во поново време и со поврзаните уреди, како што се електричните автомобили.

Подготовка за нова трговска пресметка?

Поради безбедносните ризици, трговските дефицити и севкупната доминација на Кина, САД и повеќе западни земји воведоа царини, црни листи и строги ограничувања за кинескиот увоз и компании.

На крајот на јули, администрацијата на Доналд Трамп го забрани увозот на хуманоидни роботи произведени надвор од САД.

Претставник на кинескиот производител на роботи Primebot изјави за ДВ дека последиците ги чувствуваат сите кинески компании од секторот за потрошувачка технологија.

„Можеби ќе бараме соработка со локална американска компанија. Друго потенцијално решение е изградба на фабрика таму“, рече тој.

Европските земји и Европската Унија исто така разгледуваат воведување дополнителни царини за кинеските компании.

Крис Переира прогнозира дека царините ќе забрзаат два тренда кај кинеските компании: префрлање на дел од производството во странство и сѐ поголем фокус на натпреварување со премиум западните брендови.

„Кинеските власти и компании сфаќаат дека производството мора до одреден степен да се локализира. Една причина е олеснување на извозните предизвици, а друга е градење локална доверба“, вели Переира.

Можат ли западните компании да возвратат?

Додека кинеската доминација продолжува да расте, западните компании сѐ потешко наоѓаат начин да останат конкурентни.

Каз Мерчант, кој работи во британска компанија што увезува и извезува ИТ-хардвер, смета дека особено помалите компании мора да изградат сопствена географска ниша.

„Тие мора да имаат уникатна продажна предност за конкретен производ, нешто што Кина можеби го нема за тој регион. Или, пак, треба да станат партнери на кинеска компанија“, вели тој.

За Переира, клучниот проблем што Европа треба да го реши е брзината на регулаторното реагирање.

„Кинеските регулатори многу јасно и брзо ви кажуваат што можете да направите. Таа брзина им помага на компаниите да се развиваат и да успеваат во странство“, вели тој. „Ако со недели чекате одговор, ќе го изгубите бизнисот“, заклучува Переира.