Младите не се откажуваат од кариерниот успех, но сè помалку брзаат да стигнат до врвот: Балансот меѓу работата и приватниот живот станува приоритет
За разлика од постарите генерации, помладите се’ повеќе го преиспитуваат традиционалниот модел кој води до професионален успех. Наместо брзо да напредуваат и да достигнуваат високи раководни позиции, младите одбираат стабилност, постепен професионален развој и можност за одржување на рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот.
Катерина Златановска – Попова, советник за развој на кариера и тренер за меки вештини за порталот Работник вели дека на новата генерација млади работници исклучително им е важен соодветен баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот, јасни граници до каде е работата и кога започнува времето за себе.
„Сакаат да заработуваат доволно пари кои ќе им овозможат да имаат удобен живот кој најчесто подразбира автомобил, свој дом, пари за одмор, излегување и дружење“, вели Златановска – Попова.
Она што според неа е интересно е тоа дека многу млади размислуваат и за започнување на сопствен бизнис, а доколку работат за некого очекуваат можности за брзо напредување и зголемување на бенефициите кои се прилагодени за нивна лична потреба
„Сепак за повеќето млади, напредувањето по секоја цена не е најважната цел. Претпочитаат можност да се развиваат, да придонесат кон некоја поголема цел и од нивната работа да има конкретен производ, односно резултат“, заклучи Златановска – Попова.
Ставот на нашата соговорничка го потврдуваат и меѓународните истражувања.
Истражувањето на консултантската компанија Deloitte, 2026 Gen Z and Millennial Survey, кое опфаќа 22.595 испитаници од генерацијата З и миленијалците во 44 земји покажува еден интересен податок – само шест проценти од испитаниците од двете генерации ја посочиле високата раководна позиција како своја примарна кариерна цел. Сепак, ова не значи дека младите не се амбициозни кога се работи за кариерата. Напротив, истражувањето покажува дека 76 % од припадниците на генерацијата З и 67 % од миленијалците се заинтересирани во одреден момент од кариерата да стигнат до високи раководни позиции.
Разликата е во тоа што тие не сакаат напредувањето да биде по секоја цена.
Постепениот развој пред брзото унапредување
Резултатите од истражувањето покажуваат дека 44 отсто од припадниците на генерацијата Z претпочитаат постепен кариерен развој, додека 25 отсто сакаат брзо напредување и чести унапредувања.
Кај миленијалците, 45 отсто се определиле за постепено напредување, наспроти 21 отсто кои претпочитаат побрзо искачување по корпоративната скала.
Дополнително, 21 отсто од младите од генерацијата Z и 20 отсто од миленијалците би биле подготвени да прифатат и хоризонтално преместување на друга работна позиција, па дури и пониска функција, доколку тоа им овозможи да стекнат искуство и вештини корисни за нивниот долгорочен професионален развој.
Овие податоци укажуваат на промена во начинот на кој младите ја разбираат кариерата. Титулата и позицијата не се единствените показатели за успех, туку сè поголемо значење имаат стекнувањето знаења, работното искуство и можноста за долгорочен развој.
Стресот и нарушениот баланс како пречки за раководните позиции
Една од причините поради кои младите се воздржани во однос на преземањето раководни функции е поврзана со одговорностите и притисокот што ги носат таквите работни места.
Според истражувањето на Deloitte, меѓу најчесто посочените пречки за преземање раководна позиција се стресот и професионалното исцрпување, кои ги навеле 50 отсто од припадниците на генерацијата Z и 49 отсто од миленијалците.
Прекумерната одговорност е друга значајна причина, наведена од 50 отсто од генерацијата Z и 48 отсто од миленијалците.
Особено интересен е податокот поврзан со рамнотежата меѓу приватниот и професионалниот живот. Загриженоста дека раководната функција може да го наруши овој баланс ја посочиле 41 отсто од младите од генерацијата Z и 46 отсто од миленијалците.
Тоа покажува дека високата позиција и повисоката плата не се нужно доволна мотивација доколку со нив доаѓаат и поголем стрес, подолго работно време и помалку време за приватниот живот.
Младите сепак сакаат да учат и професионално да напредуваат
Иако не се подготвени да ја жртвуваат личната благосостојба заради унапредување, младите не се откажуваат од професионалните амбиции.
Истражувањето на Deloitte од 2025 година, кое опфати 23.482 испитаници од 44 земји, покажа дека 70 отсто од припадниците на генерацијата Z редовно, најмалку еднаш неделно, развиваат нови вештини со цел да напредуваат во кариерата. Кај миленијалците овој процент изнесува 59 отсто.
Во истото истражување, добриот баланс меѓу приватниот и професионалниот живот, можностите за кариерен развој и учењето и усовршувањето се издвојуваат како важни фактори при изборот на работодавач.
Ова упатува на заклучок дека младите не сакаат да останат на истата позиција без можност за развој. Тие сакаат да напредуваат, но притоа очекуваат работодавачите да им овозможат услови во кои професионалниот успех нема да биде на штета на нивниот приватен живот.
Професионалниот успех добива поинакво значење
Податоците од двете истражувања покажуваат дека традиционалната претстава за успешна кариера постепено се менува. Достигнувањето раководна позиција и напредувањето во хиерархијата остануваат привлечни за голем дел од младите, но повеќе не се единствените цели.
Наместо брзо напредување, тие сè повеќе се определуваат за постепен развој, стекнување нови вештини, финансиска сигурност и работни услови што ќе им овозможат да имаат време и за приватниот живот.
За работодавачите ова претставува и предизвик: како да ги мотивираат младите да преземаат поголема одговорност и раководни функции, а притоа да им понудат работна средина во која напредувањето нема да значи и поголем ризик од исцрпеност?
Се чини дека за новите генерации успехот не е само прашање на тоа колку високо ќе стигнат во кариерата, туку и каков живот ќе можат да водат додека го градат својот професионален пат.

