Светот на работникот

Кога кризата станува секојдневие: Зошто „да се вратиме во нормала“ повеќе не е доволно за една организација?

Отпорноста на организациите веќе не значи само брзо закрепнување по криза. Во време кога промените, неизвесноста и нарушувањата стануваат дел од секојдневното работење, вистинската отпорност значи способност постојано да се адаптираме без притоа да ги исцрпиме луѓето.

Во изминатата деценија, организациската отпорност најчесто се дефинираше како способност на компанијата да го издржи ударот и потоа да се врати во нормала. Но, оваа дефиниција станува сè помалку применлива во свет во кој кризите не секогаш имаат јасен почеток и крај.

Според International SOS Risk Outlook 2026, 57% од лидерите велат дека новите ризици се појавуваат побрзо отколку што можат да управуваат со нив, додека 74% сметаат дека времето за донесување критични одлуки се намалува. Само 35% се сигурни дека можат брзо да ги мобилизираат своите тимови кога ќе се појави нарушување.

Нарушувањето станува „новата нормала“

Геополитичките тензии, економската нестабилност, брзиот технолошки развој и постојаниот прилив на информации создаваат средина во која неизвесноста повеќе не е исклучок. Токму затоа, експертите сметаат дека организациската отпорност треба да се гледа како континуирана способност за адаптација, а не само како способност да се „вратиш назад“ по завршувањето на кризата.

Ова е особено важно затоа што дури и најдобро подготвените планови за деловен континуитет може да не функционираат ако луѓето се исцрпени, расеани или под силен психолошки притисок.

Менталното здравје станува дел од оперативниот ризик

Психолошкиот стрес често не се појавува одеднаш. Наместо тоа, постепено може да се манифестира преку:

  • Намалена концентрација;
  • Проблеми со спиењето;
  • Потешкотии при донесување одлуки;
  • Конфликти меѓу колегите;
  • Зголемено отсуство од работа;
  • Presenteeism присуство на работа, но со намалена продуктивност.

Токму затоа, менталната благосостојба повеќе не треба да се третира исклучиво како индивидуална или клиничка тема. Кога психолошкиот притисок влијае врз здравјето, расудувањето или безбедното извршување на работата, тој станува и организациски ризик.

Не е доволно само да имате wellbeing програма

Една од клучните пораки за HR лидерите е дека благосостојбата не треба да биде изолиран проект што се активира само кога ќе се појави криза.

Организациите кои навистина се отпорни ја вградуваат психолошката благосостојба во начинот на кој се подготвуваат, реагираат и закрепнуваат од нарушувања.

Тоа подразбира:

  • Јасна и конзистентна комуникација од лидерите;
  • Реални приоритети и разумен обем на работа;
  • Тимови во кои вработените се чувствуваат безбедно да побараат помош;
  • Достапна поддршка за справување со стресот;
  • Доволно можности за одмор и опоравување;
  • Препознавање на различните начини на кои луѓето реагираат на неизвесност.

Вистински отпорна организација не е онаа што издржува најмногу

Можеби најважната промена во размислувањето е оваа: целта не треба да биде вработените да научат да издржуваат сè поголем притисок.

Вистински отпорната организација е онаа што навреме го препознава притисокот, го намалува непотребниот ризик и создава услови луѓето да можат да се адаптираат и да се опорават.

За современиот HR, тоа значи дека менталната благосостојба, психолошката безбедност и организациската отпорност повеќе не се одвоени теми. Тие стануваат дел од способноста на компанијата да функционира и да носи квалитетни одлуки во услови на постојани промени.

Во свет во кој нарушувањето станува оперативна реалност, најотпорните компании нема да бидат оние што најдобро „се враќаат назад“, туку оние што најдобро знаат да продолжат напред.

Извор: Кариера