Светот на работникот

Кои права ги имаат работниците со скратено работно време?

Права на работник со скратено работно време

Работниците кои се вработени со скратено работно време ги уживаат истите основни права од работен однос како и работниците со полно работно време. Тие се опфатени со пензиско, инвалидско и здравствено осигурување, согласно законските услови, а платата и другите парични надоместоци се пресметуваат пропорционално на договореното работно време. Освен ако со закон, колективен договор или договорот за вработување не е предвидено поинаку, тие имаат право и на годишен одмор, платено отсуство, заштита при работа и сите останати права што произлегуваат од работниот однос.

Скратено работно време поради штетни услови

На работниците кои работат на особено тешки, опасни или здравствено штетни работни места, работното време може да им биде скратено во зависност од степенот на изложеност на ризици. Ова се утврдува согласно законските прописи и важечкиот колективен договор.

И покрај тоа што работат помал број часови, за овие работници скратеното работно време се смета како полно работно време при пресметката на платата, стажот и другите права од работниот однос.

Во оваа категорија можат да спаѓаат работни места што вклучуваат:

  • физички особено тешка работа,
  • изложеност на јонизирачко или нејонизирачко зрачење,
  • прекумерна бучава, вибрации или екстремни температури,
  • работа со опасни или заразни материи,
  • работа на височина,
  • летачки персонал,
  • сценски изведувачи и други професии за кои со закон е утврдено скратено работно време.

Постапка за одобрување на скратено работно време

Постапката започнува со барање што работодавачот го доставува до надлежното Министерство, заедно со потребната документација, која вклучува мислење од овластена установа за медицина на трудот и мислење од Државниот инспекторат за труд.

Иницијатива за започнување на постапката може да поднесе и самиот работник или синдикатот, преку работодавачот. Доколку при инспекциски надзор се утврди дека се исполнети законските услови, Инспекторатот може да наложи започнување на постапката.

Работник на кого му е утврдено скратено работно време поради штетни услови не смее да работи прекувремено, ниту да извршува иста или слична работа кај друг работодавач додека трае ваквиот режим на работа. Целта на ова ограничување е да се заштити здравјето и безбедноста на работникот.

Извор: Кариера