Правда

Лекарите преку обуки се вклучуваат во борбата против корупцијата во здравството

Повеќе од 160 лекари, акушери, медицински персонал и други здравствени работници од цела Македонија ќе минат обуки за борба против корупцијата во јавното здравство. Целта на обуките е да се унапредат знаењата и вештините за препознавање, спречување и пријавување корупциски случаи и со тоа да се придонесе во изградбата на поправичен здравствен систем. Станува збор за активност во рамки на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ кој го спроведува Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.

„Борбата против корупцијата треба да почне токму онаму каде што таа најчесто се случува – во здравствените установи. Токму затоа, оваа обука за здравствени работници е една од клучните активности во проектот и очекуваме да придонесе за зголемување на свеста, но и на подготвеноста и вештините на здравствените работници да бидат дел од фронтот за борба против коруптивните практики. Ние веруваме дека тие може да бидат дел од решението, а не дел од проблемот кој го разјадува системот на јавно здравство“, велат од Здружението ЕСЕ.

Во рамки на овој процес, минатата недела се одржа обука за обучувачи, на која учествуваа здравствените работници кои ќе ги држат обуките во различни региони во државата. Дел од темите на оваа обука беа етичко постапување во пракса, поврзаноста помеѓу медицинската етика и корупцијата во здравството, родовите димензии на корупцијата и механизмите за пријавување, заштита и институционална одговорност.

„Свесни сме дека корупцијата е честа појава во здравството и таа влегува на мала врата, најчесто за да се добие побрза или поквалитетна здравствена услуга. Затоа е важно здравствените работници да играат важна улога во борбата против корупцијата. Најважни принципи во нивната работа се добротворноста, почитување на интересите и правата на пациентите, принципите на правичност и доверливост, како и професионална одговорност. Тие треба секојдневно да ги следат овие принципи и на тој начин да не дозволат да дојде до корупција“, вели професорката Гордана Панова, која беше еден од предавачите на обуката.

„Многу е важно да се препознаваат различните видови корупција во здравството, бидејќи во зависност од типот на корупцијата со која се сосоочуваме, ние треба да одбереме конкретни и специфични мерки за таа да се намали или спречи. Постојат различни мерки кога станува збор за давање подароци или плаќање од страна на пациенти или барање пари од здравствени работници, но сосема поинакви мерки кога се работи за корупцијата во јавните набавки. Тоа е нешто со кое што граѓаните не се сосоочуваат директно и немаат увид, но сепак многу сериозно влијае врз квалитетот на здравствените услуги што ги добиваат“, објаснува Лилјана Цветаноска, експертка за борба против корупција.

Здравствените работници ја оценија обуката како корисна и применлива во нивната секојдневна работа, особено во делот на препознавање на корупциски ризици, родовите аспекти на корупцијата, сексторцијата, еднаквиот третман на пациентите и механизмите за пријавување и заштита.

Здружение ЕСЕ го спроведува проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ со поддршка на Expertise France преку Agence française de développement. Станува збор за национална иницијатива која се темели на три главни активности – обуки на здравствените работници за зајакнување на нивната улога во борбата против коруптивните практики, зголемување на свеста на граѓаните за препознавање и пријавување корупција, како и реформа на политиките и процесите во здравството.