Светот на работникот

Како ВИ ги брише старите работни задачи, но отвора врата која не сме ни знаеле дека постои

Вештачката интелигенција станува задолжителна на работното место. Една голема компанија им наложила на вработените секојдневно да ги користат ВИ алатките за да ја зголемат продуктивноста и да ги забрзаат деловните процеси.


Вештачката интелигенција (ВИ) повеќе не е само помошна алатка, туку станува составен дел од секојдневната работа во големите компании. Додека одредени вработени и понатаму се плашат од новите технологии, работодавачите се’ почесто ја гледаат ВИ како начин за зголемување на продуктивноста, намалување на трошоците и забрзување на деловните процеси, пишува Techspot.

Една голема технолошка компанија во Јапонија отишла чекор понатаму и вовела задолжителна употреба на генеративна вештачка интелигенција за сите околу 11.000 вработени. Новите правила подразбираат ВИ да се користи за истражување, пребарување на податоци, организација на состаноци, изработка на документи и други административни задачи.

ВИ троши помалку време, а ја зголемува ефикасноста

Според интерните анализи на компанијата, токму таквите задачи на вработените им одземаат третина од работното време. Идејата е рутинските и повторувачките задачи да ги преземе вештачката интелигенција, додека вработените би се фокусирале на покреативни и постратешки важни активности.

Во компанијата веруваат дека благодарение на ваквиот пристап, продуктивноста би можела да се удвои во наредните три години.

Работодавачите се’ повеќе инсистираат на ВИ вештини

Овој тренд не е осамен случај, Се’ поголем број на компании очекуваат од вработените да користат ВИ алатки како дел од редовните деловни активности. Менаџерите се’ почесто проверуваат дали одредена задача може да ја изврши вештачката интелигенција пред да ангажираат дополнителни работници или да вложат во нови ресурси.

Стручњаците сметаат дека познавањето на ВИ алатките наскоро ќе стане еднакво важно како и познавањето на канцелариските програми или работењето на компјутер.

Вештачката интелигенција не е непогрешлива

Сепак, искуствата на некои компании покажуваат дека вештачката интелигенција не може секогаш да го замени човекот. Одредени фирми кои значаен дел од корисничката поддршка му ја препуштиле на ВИ системи подоцна морале да вратат дел од вработените поради падот на квалитетот на услугите.

Тоа покажува дека ВИ може да биде силна алатка за зголемување на ефикасноста, но дека човечкото искуство, процената и комуникацијата и понатаму остануваат клучни во многу професии.

Дали ВИ ќе го промени пазарот на труд?

Додека едни стравуваат дека вештачката интелигенција би можела да загрози одредени работни места, други сметаат дека ќе отвори потполно нови професии и ќе ја зголеми побарувачката за работници кои знаат да користат напредни дигитални алатки.

Едно е сигурно – компаниите ширум светот забрзано воедуваат ВИ во секојдневното работење, а вработените кои на време ќе ги усвојат новите вештини би можеле да имат значајна предност на пазарот на труд.

Извор: Bizportal.rs