МакедонијаСветот на работникот

„Лидерите со висока емоционална интелигенција ќе играат клучна улога“

Во вториот сегмент од темата: што треба да се направи за да се задржат талентираните вработени во 2026 година, разговарам со Катерина Златановска – Попова, советник за кариера и тренер за меки вештини.

„Во моментов, пазарот на труд им припаѓа на генерацијата Миленијалци и Генерацијата З, а со тоа се појавуваат нови предизвици за компаниите и работодававчите. Она што се чини како најголем предизвик е како да се задржи работникот? И ако генерализирањето е токму она што ги одбива новите генерации, сметам дека има неколку клучни значајни очекувања кои работодавачите е потребно да ги знаат“, вели Златановска – Попова.

Она што го издвојува како прво е индивидиализиран пристап кон секој вработен, што значи дека едно правило за сите не оди во прилог на задржување на талентите.

„Почнувајќи од работното време, работната позиција, можностите за хибридна работа, платата (најчесто очекувањата се на неколку месеци да добиваат покачување) сето тоа сметаат дека е нешто за што имаат индивидуално право да преговараат“, истакнува Златановска – Попова.

Таа додова дека голема улога игра и очекувањето за брзо напредување.

„Ако порано биле потребни години за напредување поткрепени со многу труд и докажување, сега очекувањата се напредувањето да се случува брзо, а со тоа и промената на платата. Многу им е важно да постои систем на наградување и сите признанија да бидат доделени со јасна заслуга и фер пристап“, потенцира Златановска – Попова.

Вработените сакаат да бидат слушнати, почитувани и вклучени во процесите на одлучување. Притисокот од менаџментот, авторитативниот однос и лошата организациска култура веројатно многу брзо ќе ги „избрка“ добрите и вредни работници, смета Златановска – Попова.

„Затоа лидерите со висока емоционална интелигенција ќе играат клучна улога“, додава таа.

Според неа, новите генерации сакаат да работат во организации кои имаат јасна мисија и општествена одговорност. Сакаат да знаат зошто го прават она што го прават. Талентот останува таму каде што чувствува дека придонесува за нешто поголемо од профит.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk