Светот на работникот

„Тивок одмор“ – нов трик на вработените што шефовите можеби и нема да го забележат

По пандемијата, хибридниот начин на работа стана секојдневие за многу компании ширум светот, а со него се појави и нов тренд познат како „тивок одмор“. Станува збор за практика во која вработените земаат одмор, но намерно не ги известуваат своите претпоставени. Овој тренд е поттикнат од флексибилноста што ја овозможува работата на далечина.

Што е „тивок одмор“?

Концептот делумно наликува на таканаречениот „работен одмор“, при кој вработените патуваат, но технички сè уште работат – само од друга локација. Така можат да уживаат во новата средина без да трошат денови од годишниот одмор. Ова е особено изводливо за оние што работат целосно од далечина и немаат многу состаноци или повици.

Сепак, постои и поинаква, поконтроверзна верзија на овој тренд. Во неа, вработените – најчесто миленијалци – се преправаат дека работат, а всушност извршуваат приватни обврски како одење на фризер, дружење со пријатели или едноставно се одмораат дома, пишува UNILAD.

Како го прават тоа?

Главниот „трик“ е создавање впечаток дека постојано се пред компјутер. Тоа го постигнуваат со однапред закажани електронски пораки и повремено испраќање пораки за да изгледаат активни и зафатени со работа.

Многумина на социјалните мрежи со воодушевување ја коментираа оваа можност. „Фала му на Бога за опцијата за одложено испраќање во Gmail. Повеќето задачи ги завршувам пред рок, па само наместив мејлот да се испрати еден ден подоцна. Така моите шефови или клиенти мислат дека работам побавно, а јас всушност одмарам“, напиша една корисничка на X.

Дали е добра идеја?

Иако може да изгледа примамливо, ваквиот пристап веројатно не е најдобра идеја. Ако претпоставениот ве открие, сигурно нема да биде задоволен, а постои и ризик од губење на работното место.

Покрај тоа, ваквиот „одмор“ не нуди вистинско опуштање и оддалечување од работата. Карин Роудс, потпретседателка за човечки ресурси, изјави за Forbes дека ваквите „тивки патувања“ се само привремено решение. „Без вистинско одвојување од работата и поставување јасни граници меѓу приватниот и професионалниот живот, веројатноста за прегорување со текот на времето е поголема, што негативно влијае врз благосостојбата и продуктивноста на вработените“, истакна таа.

На кратко, најдобрата опција сепак изгледа едноставна – да се побараат слободни денови и целосно да се одморите, без страв од можни последици.

Извор: BIZLife.rs