Масовна распродажба: Познатиот синџир „Depo“ затвора дури 66 продавници
Германскиот малопродажен синџир за декорација на домот и мебел „Depo“ затвора 66 свои продавници низ Германија, откако компанијата повторно се соочи со сериозни финансиски проблеми.
Само еден месец по објавувањето дека компанијата повторно е во финансиска криза, раководството потврди дека ќе бидат затворени 66 продажни места.
Засега не е познато колку од преостанатите 1.500 вработени ќе останат без работа, но новите затворања дополнително ја потврдуваат кризата со која се соочува германскиот малопродажен сектор.
Втор стечај за две години
Во мај 2026 година, компанијата со седиште во Гросостхајм, во германската покраина Баварија, по вторпат поднесе барање за стечај до надлежниот суд во Ашафенбург.
Првиот стечаен процес беше покренат во 2024 година, кога беа затворени околу 250 продавници, а без работа останаа околу 2.000 вработени. По реструктуирањето, компанијата продолжи да работи со 155 филијали.
Во продавниците што сега се затвораат веќе се поставени плакати за целосна распродажба на залихите, додека во онлајн-продавницата се нуди попуст од 40 проценти на речиси целиот асортиман.
Не успеа проектот „Depo 2.0“
За време на првиот стечаен процес, генералниот директор Кристијан Грис, внук на основачот на компанијата, најави амбициозна стратегија за закрепнување под слоганот „Depo 2.0“.
Планот предвидуваше пониски цени, почеста промена на модерните производи во понудата и модернизација на целиот продажен концепт. Сепак, најновите случувања покажуваат дека овие мерки не успеале да ја спасат компанијата од натрупаните долгови.
Силна конкуренција од азиските платформи
Од компанијата како главни причини за новиот финансиски колапс ги наведуваат зголемените увозни царини и сè поагресивната конкуренција од азиските онлајн-платформи, како што се Temu и Shein, кои нудат слични производи за декорација по значително пониски цени.
Дополнително, на резултатите негативно влијаеле и променетите навики на потрошувачите, како и намалената побарувачка за производи што не спаѓаат во основните животни потреби.
Извор: b92.net

