Светот на работникот

Мажите аплицираат на огласи за работа и кога не ги исполнуваат сите критериуми, жените дури кога чувствуваат дека ги исполнуваат сите услови

Во едно од интервјуата кое ги направив со Викторија Дамчевска, таа ми рече дека постои дискусија повразна со синдромот на натрапник и дека мажите повеќе аплицираат на работни позиции чии критериуми не ги исполнуваат, од жените. Затоа решив да поразговарам со психолог.

Барајќи кого да прашам за ова на LinkedIn, наидов на психолог со којшто само се повравме на социјалната мрежа. Ѝ пишав и таа се согласи да ми даде став за прашањето.

„Во разговорите за кариера често се споменува една интересна статистика: мажите аплицираат за работа и кога исполнуваат околу 60 % од критериумите, додека жените најчесто аплицираат дури кога чувствуваат дека ги исполнуваат сите услови“, вели за Работник, Мери Амбросова, психолог и professional systemic coach.

Таа работи со теми поврзани со партнерски односи, личен развој и психологија на машката и женската динамика, со посебен фокус на женската психологија, самодовербата и развојот на женската енергија во современиот бизнис и живот.

Иако поновите истражувања покажуваат дека разликата не е секогаш драматична, вели Амбросова, психолозите сепак забележуваат една тенденција – мажите почесто се подготвени да ризикуваат и да се обидат, додека жените почесто се преиспитуваат дали се доволно подгтовени.

Една од причините за тоа, според мојата соговроничка, е т.н. синдром на натрапник.

„Синдромот на натрапник е состојба во која човек, и покрај реалните резултати, има чувство дека не го заслужува својот успех. Наместо да го препише на своите способности, често мисли дека имал среќа или дека другите го преценуваат“, истакнаува Амбросова.

Овој феномен, вели таа, најчесто не се појавува кај луѓе со слаби резултати, туку токму кај оние кои се амбициозни и одговорни луѓе со високи стандарди.

Истражувањата покажуваат уште една интересна разлика, истакнува Амбросова. Жените и мажите различно ги читаат огласите за работа.

„Жените почесто ги гледаат критериумите како строги услови што мора да се исполнат. Ако некоја точка недостасува, тие можат да заклучат дека позицијата не е за нив. Мажите, пак, почесто ги гледаат критериумите како насока или листа на посакувани вештини. Поради тоа се подготовени да аплицираат и кога знаат дека ќе треба дополнително да учат или да се развиваат“, посочува Амбросова.

Од аспект на психологијата на полоците, постојат одредени разлики во начинот на кој луѓето пристапуваат кон предизвиците, вели нашата соговорничка.

„Мажите почесто реагираат со акција, ќе се обидат и ќе видат што ќе се случи. Жените, пак, почесто сакаат прво да се подготват и да бидат сигурни дека се доволно компетентни“, потенцира соговорничката.

Како психолог, во нејзината работа таа често гледа дека луѓето кои најмногу се сомневаат во себе се токму оние кои најмногу се трудат да бидат одговорни и професионални.

„Во динамиката на машката и женската психологија, мажите почесто преземаат ризик и тргнуваат во акција и кога не се целосно подготвени, додека жените почесто сакаат да бидат сигурни дека ги исполнуваат сите услови пред да направат чекор. Но, понекогаш проблемот не е во тоа дали жените се доволно способни. Проблемот е во тоа што тие често поставуваат многу повискои стандарди за себе отколку што реално се бара од нив, а професионалниот развој ретко се случува кога сме 100 % подготвени. Најчесто започнува во моментот кога ќе се осмелиме да направиме чекор и да учиме во процесот“, вели Амбросова.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk