ЕкономијаМакедонија

Мицкоски најави ново намалување на цените на горивата следната недела

Премиерот Христијан Мицкоски следната недела очекува намалување на цените на горивата, посочувајќи дека акцизите се анализираат на секои две недели и дека во понеделник ќе биде направен просекот за втората половина од месецот, по што ќе се утврдат новите цени на нафтените деривати.

„Добро е што веќе два дена по ред цената на нафтата паѓа. Денеска се стабилизира некаде меѓу 85 и 86 долари за барел, па очекувам следната недела да има поголемо намалување на цените на дизелот и бензините“, изјави Мицкоски.

Мицкоски нагласи дека нафтата е берзански производ што сите држави го набавуваат под исти услови, но Македонија и покрај поскапувањата има најниски цени на дизелот и безоловниот бензин во регионот и во Европа.