Министерство за енергетика: Државата наплати над 1,2 милијарди денари од концесии за рудници, раскинати 53 договори
Наплатата од концесиски надоместоци за минерални суровини во 2025 година надминала 1,2 милијарди денари, што е повеќе од двојно во споредба со претходната година. Истовремено, раскинати се 53 концесиски договори, а надзорот во рударскиот сектор е зајакнат со дополнителни инспектори, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Министерството најавува построга контрола врз користењето на природните ресурси, повисоки финансиски обврски за концесионерите и нови законски решенија со кои компаниите ќе треба да обезбедат повеќе средства за санација на рудниците и заштита на животната средина.
Наплатата зголемена за над 660 милиони денари
Според податоците на Министерството, во 2024 година од концесиски надоместоци биле наплатени околу 561,5 милиони денари, додека во 2025 година наплатата достигнала 1,222 милијарди денари.
Тоа претставува зголемување од над 660 милиони денари, односно приближно 118 проценти.
Растот, според Министерството, се должи на повисоките концесиски надоместоци, засилените теренски контроли, писмените опомени и построгото постапување кон концесионерите што не ги исполнуваат своите обврски.
Со новиот Тарифник, кој се применува од 1 јануари 2025 година, надоместокот за металични минерални суровини е зголемен од 2 на 4 проценти, додека кај мермерот е зголемен од 1 на 5 проценти.
Раскинати 53 концесиски договори
Покрај зголемената наплата, Министерството соопштува дека се евидентирани 53 раскинати концесиски договори.
Во текот на 2026 година инспекцискиот капацитет е дополнително зајакнат со тројца инспектори, а најавено е и продолжување на кадровското зајакнување.
Од Министерството нагласуваат дека плаќањето концесиски надоместок не ги ослободува компаниите од обврската да ги исполнуваат техничките, безбедносните и еколошките услови.
Компаниите ќе треба да обезбедат повеќе пари за санација на рудниците
Една од позначајните најавени измени се однесува на финансиските гаранции што рударските компании треба да ги обезбедат за управување со рударскиот отпад и за санација на просторот.
Според предложените законски решенија, финансиското покритие би требало да изнесува 100 проценти од проценетите трошоци утврдени со соодветниот план.
Во сегашниот модел гаранцијата изнесува околу една третина од тие трошоци.
Доколку предложените измени бидат усвоени, финансиското обезбедување би било приближно трипати поголемо.
Целта е однапред да се обезбедат доволно средства за рекултивација, санација и исполнување на обврските по затворањето на рударските капацитети.
Донесена стратегија за рударството до 2046 година
Министерството информира и дека е донесена Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување на минералните суровини за периодот 2026–2046 година.
Во подготовката на документот учествувале и експерти од Македонската академија на науките и уметностите, а била спроведена стратегиска оцена на влијанието врз животната средина и јавна расправа.
Стратегијата предвидува усогласување на економскиот развој со заштитата на природата и интересите на локалните заедници, а содржи и акциски план за периодот 2026–2030 година.
Концесија не значи автоматска дозвола за отворање рудник
Од Министерството посебно нагласуваат дека постои разлика меѓу геолошките истражувања, просторните планови, концесиите и дозволите за експлоатација.
Како што објаснуваат, фактот дека одредено минерално наоѓалиште е наведено во плански документ не значи дека автоматски е одобрено отворање рудник.
Исто така, добиената концесија не ги заменува останатите задолжителни постапки, еколошки документи и дозволи.
Секој рударски проект мора да се разгледува и од аспект на можните влијанија врз водата, почвата, воздухот, здравјето на населението, земјоделството и локалниот развој.
Министерството: Одлуките ќе се носат според закон, а не под политички притисок
Во соопштението Министерството реагира и на политичките дискусии поврзани со рударските проекти, оценувајќи дека ширењето непроверени информации создава дополнителна загриженост кај граѓаните.
Оттаму посочуваат дека политичките партии, вклучително и опозицијата, треба своите ставови да ги темелат на документи и проверливи податоци.
Министерството уверува дека нема да носи одлуки по налог на инвеститори или под политички притисок, туку исклучиво во согласност со законските прописи и јавниот интерес.
Воедно, нагласува дека граѓаните имаат право на конкретни одговори за можните последици од рударските активности врз животната средина и квалитетот на животот.
Јавноста ќе има пристап до податоците за концесиите
На интернет-страницата на Министерството се објавени регистри на концесиските договори, список на одземени концесии, како и информации за овластувањата и лиценците поврзани со рударските проекти.
Новите законски решенија биле ставени на јавен увид преку системот ЕНЕР, со можност за учество на експерти, општини, компании, граѓански организации и заинтересирани граѓани.
Од Министерството порачуваат дека природните ресурси треба да придонесуваат за економски развој и нови работни места, но нивната експлоатација мора да биде придружена со строга контрола, финансиска одговорност и почитување на еколошките стандарди.

