Занимливости

На ова место лежалка чини само 5 евра: Гужвите ги нема, а цените паѓаат

Летниот распуст заврши, учениците се вратија во училишните клупи, а за многу семејства тоа значи и крај на одморите. Но, оние кои сè уште не се подготвени да се збогуваат со летото можат да искористат една интересна можност – продолжен одмор на море, и тоа по значително пониски цени.

Во Мамaја, една од најпознатите туристички дестинации во Романија, почетокот на учебната година носи и посебни понуди за туристите. Помалку гужви, поевтино сместување, пониски цени во рестораните и дополнителни активности за деца и возрасни се дел од понудата.

За оние на кои летниот одмор им завршил пребрзо, ова може да биде можност за уште неколку денови покрај морето.

„Овој период е најпријатен. Има помалку гужви, сместувањето е поевтино, а и цените во рестораните се пониски“, вели еден од туристите.

Лежалка за нешто повеќе од 5 евра

Падот на цените се чувствува и на плажите.

„Лежалката е очигледно поевтина. Во текот на неделата чини 25 леи, односно нешто повеќе од 5 евра, додека за време на викендот е 40 леи, или околу 8 евра“, вели Штефан Андреј, менаџер на еден од баровите.

Тој додава дека за викендите се организираат активности за деца и возрасни, а посетителите ќе имаат на располагање храна, пијалаци, музика и вечерна забава.

И сместувањето станува поевтино

Хотелите исто така ги намалуваат цените по завршувањето на главната туристичка сезона.

Двокреветна соба со вклучен појадок може да се најде за околу 420 леи, односно 84 евра за ноќ. По 15 септември цените дополнително ќе се намалат, па ќе започнуваат од околу 380 леи, или 76 евра.

За оние кои бараат подолг и порелаксиран престој, хотелите нудат и специјални спа-пакети.

„Две ноќевања плус едно бесплатно. Цените почнуваат од 350 евра за две лица, со вклучени терапии во спа-центарот“, вели Кристина Калиспера, менаџерка на хотел.

Во пакетот за жените е вклучена облога за тело и третман за лице, додека за мажите се предвидени масажа на грб и глава.

Попустите продолжуваат до крајот на септември

Главната туристичка сезона можеби завршува, но сезоната на попусти допрва започнува.

Во рамките на програмата „Litoralul pentru Toți“, до 30 септември туристите можат да најдат аранжмани и до 60 отсто поевтини во споредба со цените во екот на сезоната.

Некои хотели, пак, ги продолжиле своите специјални понуди и до октомври.

За оние кои сакаат уште малку море, сонце и одмор без летните гужви, септември очигледно може да биде еден од најповолните периоди за посета на романското крајбрежје.

Извор: Telegraf.rs / Observatornews