Вести

На социјалните мрежи кружи измама со онлајн игри на среќа – АПИС алармира за злоупотреба на имињата на нивните членки

Членките на Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа – АПИС како општествено одговорни компании, во интерес на заштита на сите граѓани, а особено младите кои се најфреквентни корисници на социјалните медиуми, во согласност со позитивните законски прописи ја известуваме јавноста дека веќе подолг временски период на социјалните мрежи масовно циркулираат лажно креирани дигитални вести, се вели во соопштението на АПИС.

Од асоцијацијата предупредуваат дека во суштина се работи за онлајн-измама која има за цел да навлекува посетители, кои свесно и со умисла се ставаат во заблуда дека наводно нивните компании-членки  приредуваат онлајн-игри на среќа.

„Овие измамнички вести упорно се пласираат на македонски и на англиски јазик. Сакаме јасно да ставиме до знаење дека казината „Фламинго“ (Гевгелија и Скопје), „Гранд Казино Адмирал“, „Луксор“, како и автомат клубовите „Астра“, „Адмирал“, „Апекс“, „Моцарт“ и „Спортлајф“ НЕ приредуваат онлајн игри на среќа согласно македонското законодавство за приредување игри на среќа! Лажните вести, кои измамнички го рекламираат спротивното се обид за злоупотреба на корпоративен углед на нашите членки. Оттука, добронамерно им препорачуваме на нашите посетители да се информираат од официјалните комуникациски канали на нашите членки“, се вели во соопштението на АПИС.