СветСиндикат

Наскоро почнуваат преговорите за минималната плата за 2027 година во Србија: Синдикатите бараат повеќе од зголемување на минималецот

Преговорите за минималната плата во Србија за 2027 година официјално започнуваат на 15 август, но веќе сега е јасно дека оваа година фокусот нема да биде само на најниската заработувачка.

Синдикатите најавуваат дека, покрај зголемувањето на минималната цена на трудот, ќе инсистираат и на решавање на проблемот со изедначувањето на платите, особено во јавниот сектор. Според нив, континуираното зголемување на минималната плата без соодветно покачување на останатите примања го нарушува системот на вреднување на трудот и ги поттикнува работниците да ги напуштаат своите работни места.

Премиерот на Србија, Ѓуро Мацут, и министерот за финансии, Синиша Мали, неодамна изјавија дека е потребно да се најде одржливо решение кое ќе овозможи понатамошен раст на платите, но истовремено ќе ја зачува конкурентноста на економијата и макроекономската стабилност.

Со ваквиот пристап се согласуваат и синдикалните претставници, кои засега не сакаат да ги откриваат своите конкретни барања.

Платите во јавниот сектор ќе бидат една од главните теми

Потпретседателот на Сојузот на самостојни синдикати на Србија и член на преговарачкиот тим, Драган Тодоровиќ, истакна дека покрај минималната цена на трудот, една од клучните теми ќе бидат и платите во јавниот сектор.

„Преговорите се законска обврска и почнуваат во средината на август. Засега не сакаме да ги изнесуваме нашите конкретни предлози, но сакаме јасно да порачаме дека повеќе не може да се разговара само за минималната плата. Неопходно е да се отвори и прашањето за останатите плати, особено во јавниот сектор, каде што дојде до сериозна компресија на платите“, изјави Тодоровиќ за „Политика“.

Тој додаде дека синдикатите повеќе нема да ја поддржуваат практиката минималната плата да расте побрзо од останатите плати.

Потребен е рамномерен раст на платите

„Не можеме да прифатиме минималната плата да расте со повисока стапка од другите плати. Зголемувањата мора да го следат целиот систем, бидејќи во спротивно само се продлабочува компресијата на платите и се создаваат нови проблеми на пазарот на трудот“, рече Тодоровиќ.

Според него, различните проценти на зголемување на платите по сектори дополнително го нарушиле системот на вреднување на трудот.

„Зборувавме за платни разреди и за принципот дека за иста работа треба да следува иста плата, а потоа различните проценти на покачување доведоа до спротивен ефект. Тоа создава незадоволство и придонесува работниците да си заминуваат, и од јавниот и од приватниот сектор“, истакна тој.

Лани минималната плата беше зголемена двапати

Да потсетиме, минатогодишните преговори завршија со договор минималната цена на трудот од 1 јануари 2026 година да се зголеми за 10,1 отсто, по претходното вонредно зголемување од 9,4 отсто, кое почна да се применува од 1 октомври 2025 година.

Со тоа, минималната цена на трудот по работен час достигна 371 српски динар, додека, според податоците на Министерството за финансии на Србија, кумулативното зголемување на минималната плата во периодот од 2025 до 2026 година изнесувало 37 проценти, односно 27,1 процент во реални износи.

Во исто време, државата го зголеми и неопорезливиот дел од доходот, со цел да го задржи истото даночно оптоварување на минималната плата и да ги ублажи трошоците за работодавачите.

Извор: mondo.rs