Позната фабрика за чоколади оди во стечај: Работниците стравуваат за своите работни места, платите обезбедени само во следните три месеци
Познатата хамбуршка чоколадна мануфактура „Confiserie Paulsen“ се соочува со сериозна финансиска криза, поради што официјално поднесе барање за отворање стечајна постапка.
Веста ја потврди генералниот директор Курт Библ од компанијата Biebl Handelsgesellschaft mbH, која управува со чоколадната мануфактура.
„Ќе се бориме да го зачуваме брендот и работењето и ќе ги разгледаме сите можности за да ја спасиме компанијата. Продавниците засега продолжуваат да работат“, изјави Библ, пренесува германскиот весник Bild.
Работниците стравуваат за своите работни места
И покрај оптимизмот на раководството, 14 вработени стравуваат дека ќе останат без работа.
Тие биле информирани за критичната состојба во компанијата минатиот петок, а нивните плати во следните три месеци ќе бидат обезбедени преку стечајниот надомест што го исплаќа Германската федерална агенција за вработување.
Компанијата „Confiserie Paulsen“ произведува врвни чоколадни специјалитети уште од 1928 година. Во 1998 година, Курт Библ ја презел мануфактурата од семејството на основачите и оттогаш раководи со производството и мрежата на малопродажни продавници, меѓу кои и престижната локација во познатиот трговски центар Hanseviertel во Хамбург.
Сепак, долгогодишната традиција не успеала да ја заштити компанијата од финансиски колапс.
Драстичниот раст на цената на какаото ја турна компанијата во стечај
Причините за отворањето на стечајната постапка се повеќекратни, но клучен удар претставувале наглото поскапување на суровините, особено какаото, растот на цените на енергијата, како и намалената потрошувачка.
„Цените на какаото експлодираа, малопродажбата беше под огромен притисок поради трошоците, а профитните маржи постојано се намалуваа. Бев принуден да реагирам и да побарам стручна помош“, изјави Библ.
Извор: Informer.rs

