Германскиот производител на батерии „Варта“, поднесе барање за стечај — 3.000 работни места во опасност и загубен договор со „Епл“
Еден од најпознатите германски производители на батерии, компанијата „Варта АГ“, поднесе барање за банкрот, откако пропадна последниот обид за финансиско спасување. Компанијата сега се соочува со неизвесна иднина, можност за продажба на делови од бизнисот и сериозни последици за илјадници вработени.
Варта објави дека поднела барање за привремена несолвентност под сопствено управување, со цел да се продолжи работењето и да се најде решение за финансиската криза. Барањето било доставено до Општинскиот суд во Штутгарт и се однесува не само на матичната компанија, туку и на неколку клучни подружници, меѓу кои Varta Microbattery, Varta Micro Production и Varta Storage- објави .
Финансиските проблеми на компанијата траат подолго време, но ситуацијата дополнително се влошила откако потенцијалните инвеститори одбиле да обезбедат нов капитал. Производителот на автомобили „Порше“ и австрискиот инвеститор Михаел Тојнер, кои беа дел од плановите за спасување, не се согласија на дополнителни вложувања.
Според проценките на финансиските советници, на „Варта“ ѝ биле потребни десетици милиони евра за стабилизирање на работењето. Сепак, ниту банките ниту другите доверители не биле подготвени да обезбедат ново финансирање. Сега главните доверители, меѓу кои се наведува и „Дојче банк“, разгледуваат план за поделба на компанијата. Целта е да се зачуваат најпрофитабилните делови од бизнисот, особено производството на батерии за домаќинство, додека другите сегменти би можеле да завршат во стечајна постапка.
Посебен интерес за преземање на дел од компанијата покажува инвеститорот Михаел Тојнер, кој е заинтересиран за секторот на микробатерии, кои се користат во медицински уреди, слушни апарати и други мали електронски производи.
Кризата во „Варта“ предизвика голема загриженост во германската покраина Баден-Виртемберг, каде што се наоѓа седиштето на компанијата. Локалните власти предупредуваат дека евентуалното распарчување на компанијата би значело губење на важно индустриско знаење и голем број работни места.
Во моментов „Варта“ има околу 3.260 вработени, а најмалку 3.000 работни места се сметаат за загрозени доколку компанијата не успее да се стабилизира. Финансиските резултати покажуваат колку е сериозна кризата. Во 2024 година компанијата пријавила загуба од околу 65 милиони евра, додека приходите изнесувале околу 793 милиони евра. Како дел од претходниот процес на реструктуирање, старите акционери веќе го загубиле својот удел во компанијата.
Дополнителен удар за „Варта“ била загубата на важен клиент – американскиот технолошки гигант „Епл“. Компанијата повеќе нема да биде главен снабдувач со мали батерии за слушалките AirPods, откако „Епл“ одлучил набавката да ја префрли кон кинески производители. Поради ова, германскиот производител најави и затворање на фабриката во Нердлинген, Баварија, што ќе остави околу 350 работници без работа.
„Варта“, компанија со повеќе од 130 години историја, некогаш беше симбол на германската индустриска моќ во производството на батерии. Денес се наоѓа пред најголемиот предизвик во своето постоење – да преживее преку продажба на делови од бизнисот или целосно да исчезне од пазарот.

