Нов бран отпуштања во Европа:„Алијанц“ укинува до 1.800 работни места
Германскиот „Алијанц“ планира да укине помеѓу 1.500 и 1.800 работни места во својата единица за помош при патување и осигурување на патувања „Алијанц партнерс“, а воедно да го забрза распоредувањето на решенија базирани на вештачка интелигенција.
Извршниот директор на „Алијанц партнерс“, Томас Кунцман, на настан во Минхен, изјави дека намалувањето на бројот на вработени ќе се спроведе преку меѓусебно раскинување на договорите, предвремено пензионирање и други доброволни опции, објави „Блумберг“.
Програма за доброволно заминување
Преговори со претставници на вработените веќе се спроведени во неколку европски земји, а програми за доброволно отпуштање им се понудени на работниците во Шпанија, Франција, Германија, Италија и земјите од Бенелукс.
„Ова може да му се случи на секого од нас во одреден момент“, рече Кунцман, додавајќи дека компанијата се стреми да се однесува „фер и одговорно“ кон вработените погодени од промените.
Вештачката интелигенција како клуч за идниот развој
„Алијанс партнерс“ вработува повеќе од 22.000 луѓе ширум светот, а компанијата претходно предупреди дека трансформацијата на бизнисот со помош на вештачката интелигенција може да влијае на бројот на вработени.
Воведувањето на технологии за вештачка интелигенција станува сè поважен фактор во реструктуирањето на големите компании. Аналитичарите проценуваат дека значителен дел од работните места во развиените економии би можеле да се променат поради автоматизацијата и примената на вештачката интелигенција.

