Од 13 декември брз воз од Белград до Будимпешта и Виена
Брзиот воз на релацијата Белград–Будимпешта ќе почне да сообраќа на 13 декември 2026 година, кога стапува во сила новиот возен ред, најави вршителот на должноста директор на „Србијавоз“, Љубиша Пејчиќ. Според најавите, билетот до Будимпешта ќе чини околу 35 евра, додека за Виена во јавноста се споменува цена од 43 евра, иако конечните износи сè уште се усогласуваат со унгарските и австриските железници.
Новиот возен ред предвидува осум поаѓања, од кои шест ќе бидат до Будимпешта, а две ќе продолжуваат директно до Виена. Пејчиќ посочи дека билетите сè уште не се пуштени во продажба, но тоа се очекува наскоро. До Будимпешта ќе сообраќаат возови на „Србијавоз“, вклучително и кинеските брзи композиции, додека линијата до Виена ќе ја опслужуваат унгарските железници, без потреба од преседнување.
Одложувањето на стартот било поврзано со дополнителни тестирања на унгарскиот дел од пругата, поради разликите во инфраструктурата и големиот број железнички премини во Унгарија. Тестовите, според Пејчиќ, завршиле успешно. Се очекува патувањето од Белград до Будимпешта да трае околу три и пол часа, а најбрзите директни линии да стигнуваат за приближно три часа и 15 минути.

