Од јануари повисоки плати во Хрватска, се зголемува минималната плата
Хрватската влада донесе одлука за зголемување на минималната плата, која од 1 јануари 2027 година ќе изнесува 1.130 евра бруто месечно.
Тоа е зголемување од 80 евра во однос на сегашниот износ од 1.050 евра, односно раст од 7,6 проценти.
Одлуката е донесена на владината седница на 29 октомври, а според проценките, зголемувањето ќе опфати околу 50.000 работници во земјата.
Но, 1.130 евра не е износот што работниците ќе го добиваат на своите сметки. Станува збор за бруто-плата, додека нето-износот зависи од даночните стапки и личните олеснувања.
Според ориентативните пресметки, работник во Загреб без деца и со основно лично ослободување би добивал околу 844 евра нето месечно. Тоа би било зголемување од приближно 45 евра во однос на досегашната нето-плата, доколку даночните правила останат непроменети.
Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ изјави дека новиот износ е резултат на консултациите со синдикатите и работодавачите и дека треба да обезбеди подобра заштита на работниците, но истовремено да ја земе предвид конкурентноста на стопанството.
Синдикатите барале минималната плата да изнесува 1.250 евра бруто, додека предлогот на работодавачите бил 1.086,75 евра.
Со зголемувањето на минималната плата ќе се зголеми и минималната студентска саатница, од сегашните 6,56 на 7,06 евра.
Владата најави и продолжување на мерките за финансиска поддршка на работодавачите кои исплаќаат минимална плата. Во првите три месеци од 2027 година, државата ќе ја покрива разликата меѓу досегашниот и новиот бруто-износ за работодавачите што ќе поднесат барање.

