Светот на работникот

Одбиени, потценети, игнорирани: Како настанувале најголемите успеси после едно „не“

Понекогаш е потребно само едно „не“ човек да започне да се сомнева во себе. Во идејата, проектот или сонот на кој работел со месеци, па и години.

Токму зад најпознатите деловни приказни од денешницата се кријат примери на луѓе на кои вратите им биле затворани, чии идеи биле отфрлувани и чиј потенцијал никој не го препознал. Она што ги разликува од другите не е тоа што не биле одбиени, туку тоа што не се откажувале после одбивањето.

Кога другите не го гледаат она што вие го гледате

Одбивањето е составен дел од деловниот свет. Инвеститорите одбиваат стартапи, работодавачите кандидати, издавачите ракописи, а големите компании идеи кои им изгледаат премногу ризично или едноствно – неубедливо.

Проблемот е во тоа што вистинскиот потенцијал ретко може да се измери во моментот кога ќе се појави. Да може, сите би го препознале.

На почетокот на шеесетите години британската издавачка куќа Decca одбила група на млади музичари од Ливерпул. Верувала дека гитарската музика губи популарност и дека бендот нема иднина. Тој бенд се нарекувал Битлиси.

Слично се случило и со Џоан Ролинг. Пред „Хари Потер“ да стане глобален феномен, нејзиниот ракопис бил повеќе пати одбиван. Денес серијалот за Хари Потер е еден од најуспешните во историјата на издаваштвото.

Од неуспех до империја

Можеби уште поинтересни од одбиените уметници се приказните од деловниот свет.

Кога Феруцио Ламбурџини, успешен италијански произведувач на трактори, му укажал на Ферари на проблемите со кои се соочувале нивните автомобили, неговите забелешки не наишле на разбирање. Наместо да се откаже, одлучил да направи сопствен спортски автомобил. Така настанал Лабмурџини, денес еден од најпрепознатливите автомобилски брендови во светот.

Ни Ензо Ферари немал лесен почеток. Како млад човек се обидел да се вработи во Алфа Ромео, но не ја добил шансата што ја посакувал. Подоцна ја основал компанијата која неговото презиме ќе го претвори во симбол за престиж, брзина и автомобилско инженерство.

Колку пати треба да се обидете?

Веројатно еден од најпознатите примери на упорност е Џејмс Дајсон. Пред неговата револуционерна правосмукалка без ќеса да стигне на пазарот, направил дури 5,127 протипови.

Поголемиот дел од луѓето најверојатно би се откажале мнгу порано. Но токму таа подготвеност да се обидете уште еднаш, па уште еднаш, често прави разлика помеѓу неуспехот и успехот. Не затоа што секој обид е чекор напред, туку затоа што секој неуспех носи нова лекција.

Слично искуство имал и Стив Вознијак. Неговиот дизајн на персонален компјутер бил одбиен од HP дури пет пати, не препознавајќи го потенцијалот на идејата која подоцна ќе стане еден од темелите на Apple и ќе ја промени технолошката индустрија.

Ни Џек Ма не бил поштеден од одбивања. Кога KFC отворил ресторан во неговиот град, аплицирал за работа заедно со уште 23 кандидати. Примени биле сите освен него. Тоа не го спречило да продолжи понатаму. Години подоцна ја основал Alibaba, компанија која прераснала во еден од најголемите лидери во електронската тргоивија.

Најскапите пропуштени шанси

Одбивањето не ги погодува само оние кои добиваат негативен одговор. Понекогаш најголемата цена ја плаќаат оние кои ќе одбијат некого.

Компанијата Excite имала шанса да го купи Google за севкупно 750.000 долари, но проценила дека идејата нема доволно потенцијал. Денес речиси е невзоможно да се замисли интернетот без Google.

Nintendo на почетокот од деведестите се откажал од соработката со Sony на развојот на конзоли со оптички дискови. Sony продолжил сам и неколку години подоцна го претставил PlayStation, еден од најуспешните гејминг брендови на сите времиња.

Не постои универзален судија за потенцијал

Можеби токму тоа е најважна лекција од сите овие приказни. Одбивањето не е објективна процена на нашата вредност. Тоа повеќе зборува за околностите, моментот или перцепцијата на другата страна отколку за самата идеја.

Луѓето кои подоцна менувале индустрии, правеле милијарди долари вредни компании или станувале светски познати имиња, не биле успешни затоа што никогаш не биле одбивани. Напротив. Биле успешни затоа што не дозволиле одбивањето да ги дефинира.

Денес во главно ги паметиме големите успеси, а забораваме колку препреки и затворени врати стоеле на патот до нив. Разликата е само во тоа што некои луѓе се одлучиле да тропнат на следната.

Извор: BIZLife/Teodora Ćosić