Вести

Охрабрувачки вести од Русија: првиот пациент кој ја прими вакцината против рак веќе нема метастази

Првиот пациент кој ја прими руската вакцина против рак го заврши третманот. Метастазите се повлекле и четири месеци не се откриени нови тумори, изјави Александар Гинзбург, академик на Руската академија на науките и научен директор на Центарот Н.Ф. Гамалеја, пренесува Тасс.

Станува збор за пациент кој боледувал од меланом, кој ја примил вакцината „Неонковак“, базирана на mRNA технологија.

Подготовката се прави индивидуално за секој пациент, врз основа на генетските карактеристики на неговиот тумор, со цел да се насочи имунолошкиот систем кон препознавање и уништување на малигните клетки.

Според Гинзбург, пациентот е сè уште под редовен медицински надзор.

Секој месец прави детални прегледи, вклучително и КТ со висока резолуција, каде што лекарите обрнуваат посебно внимание на лимфните јазли и можната појава на нови туморски промени.

Следењето на неговата здравствена состојба ќе трае три години, а академикот нагласи дека сè уште е рано да се извлечат конечни заклучоци за долгорочната ефикасност на терапијата. Гинзбург истакна дека вакцината против рак, развиена со употреба на mRNA технологија, го подготвува имунолошкиот систем на пациентот да го уништи малигниот тумор и метастазите.

Според достапните информации, досега вакцината ја примиле шест пациенти, а планот е до крајот на годината да се администрира третман за вкупно 20 лица.