СветСветот на работникот

Околу 170.000 луѓе сакаат да работат во институциите на ЕУ

Околу 170.000 луѓе се пријавиле за тестирањата што би можеле да им овозможат добро платена и сигурна работа во институциите на Европската унија. Сепак, шансите се мали, бидејќи се очекува да бидат достапни помалку од 1.500 работни места.

Во соопштение објавено ден по истекот на рокот за пријавување на конкурсот, Европската канцеларија за селекција на персонал (EPSO) откри колку кандидати поднеле апликации.

„Овој број ги надмина сите очекувања. Кандидатите ќе бидат известени за следните чекори веднаш штом тоа биде можно“, соопшти агенцијата.

Следува процес на тестирање

Следната фаза од селекцијата подразбира процес што вклучува когнитивни тестови и испити, кои ќе се одржуваат во текот на наредните месеци.

Кандидатите кои успешно ќе ја поминат оваа фаза ќе можат да конкурираат за работни места во институциите на ЕУ во рангот AD-5, каде што платата се движи меѓу 6.000 и 7.000 евра месечно, со можност за напредување кон значително повисоки позиции во иднина.

Сепак, бројот на достапни работни места е далеку помал од бројот на пријавени кандидати. Околу 1.500 позиции се наоѓаат на листата на потенцијални работни места, но дури ни тоа не гарантира вработување.

Конкурс за општи профили

Овој конкурс е наменет за кандидати со општи профили, а не за специјалисти од области како човечки ресурси, право или преведување.

Вакво вработување не било организирано уште од 2019 година, поради што многу идни службеници во меѓувреме работеле како привремени соработници или преку агенции, без сигурност на работното место и без бенефициите што ги имаат постојано вработените во институциите на ЕУ.

Кампањи на државите за поголема застапеност

Одделни држави започнале и посебни кампањи за да ги поттикнат своите граѓани да се пријават, гледајќи во тоа можност да ја поправат недоволната застапеност во институциите на ЕУ и да го зајакнат своето влијание во наредните децении.

Некои престолнини отишле и чекор подалеку – финансирале подготвителни тестови и обезбедиле менторство за кандидатите.

Кога конкурсот за AD-5 последен пат бил организиран, пред седум години, се пријавиле 22.644 кандидати. Оваа година првичните проценки биле дека ќе учествуваат околу 50.000 луѓе.

Тестирањето ќе биде онлајн

Овогодишните EPSO тестови, чиј датум сè уште не е објавен, ќе се одржат онлајн, за разлика од претходните години кога кандидатите полагаа испити во центри за оценување.

Сепак, експертите предупредуваат дека организирањето испити за толку голем број кандидати би било логистички предизвик дури и ако пријавените биле двојно помалку.

Извор: EUpravo zato / Politico