Економија

Околу 30 жени претприемачки од Скопје ги унапредуваа своите дигитални вештини преку практичен мастерклас

Дигитален маркетинг, вештачка интелигенција, пристап до финансии и инспиративни претприемачки приказни беа во фокусот на мастеркласот организиран од Алијансата за родова еднаквост (GEA), со поддршка на Град Скопје и Халкбанк.

Околу 30 жени претприемачки учествуваа на практичниот мастерклас „Дигитален раст за жени претприемачи – AI, Growth & Finance Masterclass“, посветен на унапредување на дигиталните вештини, примената на вештачката интелигенција и можностите за развој на сопствен бизнис. Настанот, организиран од Алијансата за родова еднаквост (GEA), со поддршка на Град Скопје и Халкбанк, понуди простор за учење, размена на искуства и поврзување на жени кои водат сопствени бизниси или се на почетокот на својот претприемачки пат. Преку интерактивни предавања, практични примери и отворени дискусии, учесничките имаа можност да се запознаат со современи алатки и пристапи кои можат да им помогнат во секојдневното работење, подобрувањето на маркетинг-активностите и поефикасното управување со нивните бизниси.

Едукативниот дел го водеа д-р Ива Дујак Ѓурѓиќ, основачка и извршна директорка на Movement Marketing Agency, и Силвија Гелевски, извршна директорка на External Lens. Покрај практичните совети за дигитален маркетинг, посебен акцент беше ставен на примената на вештачката интелигенција во малите бизниси. Преку конкретни примери од бизнисите на самите учеснички, беа демонстрирани AI алатки и нивната примена за автоматизација на процеси, креирање содржини, заштеда на време и зголемување на продуктивноста.

Во рамки на програмата, претставнички на Халкбанк ги презентираа можностите за пристап до финансии и финансиските решенија наменети за поддршка на жените претприемачки. Учесничките се запознаа и со современи дигитални банкарски услуги, вклучително и мобилни ПОС решенија кои овозможуваат поедноставна и пофлексибилна наплата во секојдневното работење.

Мастеркласот беше заокружен со инспиративен разговор со д-р Нина Ангеловска-Станков, претседателка на GEA, и Венера Крлиу, ректорка на Универзитетот Американ Колеџ Скопје и основачка и директорка на American High School Skopje. Низ искрен разговор за нивните претприемачки патувања, тие ги споделија предизвиците, клучните одлуки, научените лекции и искуствата кои ги обликувале нивните професионални успеси.

Покрај практичните знаења, настанот овозможи и меѓусебно поврзување, споделување на реалните предизвици со кои се соочуваат жените во бизнисот и размена на идеи и искуства во отворена и поддржувачка атмосфера.

Алијансата за родова еднаквост (GEA) континуирано работи на промоција и економско зајакнување на жените, со посебен фокус на поддршката на женското претприемништво, еднаквите можности и поголемата застапеност на жените во деловниот свет. Преку едукативни програми, настани за вмрежување, кампањи и други иницијативи, GEA продолжува да создава можности за професионален и бизнис-развој, да ја зголемува видливоста на жените претприемачки и да поттикнува средина во која повеќе жени ќе имаат можност да ги реализираат своите идеи и амбиции.

Алијансата за родова еднаквост (GEA), иницијатива на Асоцијацијата за е-трговија на Северна Македонија, е платформа која ги обединува компаниите и организациите посветени на унапредување на родовата еднаквост во деловниот сектор, преку три клучни столба: еднаква плата, еднаква застапеност и еднакви можности. Во мрежата на партнери и поддржувачи на GEA се вклучени: Еуролинк Осигурување, КаСис АД, Сава Пензиско и Халкбанка како главни партнери, како и Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп, Пивара Скопје, А1 Македонија, IdeaLab, Евроинс Осигурување и Coslovemetics како партнери. Поддржувачи на Алијансата се: Сава Осигурување, Publicis Groupe, EOS Matrix, Avenga Academy, Furnit и Fashion Group.

Повеќе информации за активностите и можностите за приклучување кон Алијансата за родова еднаквост на работното место се достапни на: genderequalityalliance.org