ЕкономијаМакедонија

Парното ќе поскапи, но не колку што се бара, уверува Мицкоски

Цената на парното повеќе од извесно е дека ќе се зголеми со почетокот на следната година, затоа што цената на гасот е три пати поголема од истиот период лани, а ЕСМ бара промени на одобрените приходи. 

– Што се однесува до Топлификација, тука се бара поскапување многу големо. Цената на гас е три пати поголема од минатогодишната цена за истиот период, но и тука ќе се бориме да нема алармантно зголемување на цената, односно да биде во рамките на она што минимум може да се издржи. Наш приоритет е заштита на стандардот, но ситуацијата е жестока, ситуацијата е алармантна и не знам до кога ќе може ова да се издржи, но до овој момент ние со нашите механизми кои ни стојат на располагање и креативни решенија успеваме да се спротивставиме на овој удар – рече денеска премиерот Христијан Мицкоски, при пуштање во употреба на градинка во Гази Баба, прашан за мерките што планира да ги преземе Владата за заштита на стандардот на граѓаните и намалување на ударот од зголемувањето на цените.

Компаниите од топлинскиот сектор бараат промени на одобрените приходи и цената на парното.

Од ЕСМ посочуваат дека цената на природниот гас на берзата EEX/TTF во октомври пораснала за околу 60 проценти во однос на цената земена предвид при одобрувањето на тарифите. РКЕ треба да ги провери пријавените трошоци и да оцени кои се оправдани пред да донесе одлука за цената на топлинската енергија.

Од 1 август жителите на Скопје кои користат централно греење плаќаат повисоки сметки за 3,6 до речиси 6 отсто, откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за нови цени на топлинската енергија за сите оператори во главниот град.

Најголемо зголемување почувствуваа домаќинствата што се снабдуваат токму преку „ЕСМ Снабдување“, каде цената на топлинската енергија се зголеми за 5,96 проценти.